Според истражувањето за транспарентност во работењето спроведено од Центарот за граѓански комуникации, општина Василево со индекс на активна транспарентност од 87% е во првата група општини или согласно утврдената терминологија оквалификувана како институција со многу добра транспарентност.
Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. На тој начин, општината ги става на увид информациите за регулативата и за одлуките што ги носи со што се остварува правото на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски во општеството, информациите коишто им се потребни на граѓаните за да бараат одговорност од властите, информации коишто им се неопходни на граѓаните за да можат да учествуваат во процесот на донесувањето одлуки како и информациите коишто им се потребни на граѓаните за да можат да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции. Од друга страна институцијата, во случајот општината на тој начин станува поодговорна и поефикасно во своето работење.
„Кога дојдов градоначалник на Василево, општината бележеше активна транспарентност од 78.3% и беше вброена во категоријата институции со добра активна транспарентност. Овој напредок е резултат на нашата отвореност кон граѓаните, јавноста и институциите. Тука нема да застанеме. Кога побарав доверба од граѓаните да бидам градоначалник на општина Василево ветив отворена општина. И тоа станува реалност“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, https://www.facebook.com/vasilevo24, во врска со информацијата објавена од Центарот за граѓански комуникации за транспарентното рабоптење на општина Василево.
Општина Василево како сервис на граѓаните продолжува со доброволно објавување на информациите, овозможувајќи на тој начин полесен пристап до услугите, остварување на нивните права и учество во креирањето на развојните политики на заедницата.





