Изградба на парк во с. Василево и изградба на парк во с. Градошорци се двата предлог-проекти со кои општина Василево ќе аплицира за средства во Бирото за Регионален развој – вака едногласно одлучија советниците на општина Василево, на вчерашната вонредна седница.
Образложение за итноста на Седницата даде градоначалникот на општината, г-дин Ванчо Стојанов, кој појасни дека доставувањето на предлог – проектите е врзано со рокови, а одлуката од Советот со која се дава поддршка на истите е еден од задолжителните документи.
Во одлуките е прецизиран и износот со кој општината ќе учествува во вкупниот Буџет неопхподен за реализација на двата парка. За паркот во с. Градошорци, овој износ е 10%, а за паркот во Василево 20% од вкупниот буџет неопходен за реализација на проектите.
Изградбата на овие два парка е планирана во Програмата за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја на општина Василево за 2015 година, која Советниците ја усвоија на една од претходните седници.





