Денес, во организација на општина Василево, со полагање свежо цвеќе пред спомен плочата која се наоѓа на влезот во населеното место Радичево, беше одбележана историската средба на младите од Струмица и Радовиш која се случила на 19-ти јули 1941-ва година, на половина пат меѓу Струмица и Радовиш во близина на населеното место Радичево.
Пред 78 години под превезот на настан за заедничко дружење на младите од Струмица и Радовиш, биле поставени основите на нивната идна заедничката револуционерна соработка. На настанот од 19-ти јули му претходеле демонстрациите од април 1941-ва, организирани од Партиската отганизација во Струмица, по што членовите на Партијата и СКОЈ имале јасна задача: на секој граѓанин, младинец и работник да му се укаже за целта и тенденцијата на окупаторот. Посебен акцент бил ставан на будењето на националната свест кај младата генерација.
На денешното одбележување беше прочитан реферат за настанот, а делегации од општина Василево и општинските одбори на Сојузот на борците од Струмица и Радовиш положија свежо цвеќе пред спомен плочата која сведочи за настанот.





