Градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, денес, заедно со директорката на ООУ „Гоце Делчев“, Василево, г-ѓа Емилија Котева го посетија подрачното училиштео во с. Седларци со цел да ја согледаат моменталната состојба и условите во кои се одвива образовниот процес во училиштето.
„Денес сме во посета на училиштето во с. Седларци заедно со директорката на централното училиште „Гоце Делчев“ од Василево, со цел да ги да ги согледаме условите и процесот на образованието на територијата на општина Василево. Тоа е контролирана посета, какви што правиме во сите подрачни училишта на територијата на општина Василево“ изјави градоначалникот на општина Василево по денешната посета на училиштето во Седларци. Градоначалникот Стојанов информираше дека во ова училиште следува еден голем проект со кој ќе се подобрат условите во кои ќе се одвива образовниот процес. „Во тек се подготовките за распишување на јавните набавки за реконструкција на ова училиште која ќе опфаќа промена на кровна конструкција, промена на столарија, промена на подови, нова фасада и панели за производство на струја со што училиштето ќе биде енергетски независно, произведувајќи си струја за сопствените потреби“ , ги прецизираше градоначалникот Стојанов активностите што ќе следуваат во рамки на проектот „Заштита на животната средина во прекуграничниот регион Василево – Струмјани за подобрување на енергетската ефикасност“, што општина Василево ќе го имплементира заедно со општина Струмјани од Р.Бугарија. Средствата за овој проект се обезбедени од Програмата за прекугранична соработка INTERREG –IPA CBC Бугарија –Македонија 2014 – 2020.
Стојанов најави и реконструкција на санитарните јазли во централното општинско училиште „Гоце Делчев“ во Василево.





