Општина Василево денес изврши уплата на средства на земјоделците од населените места Добрашинци, Нова Маала и Висока Маала, кои претрпеа штети од невремето што го зафати овој крај во јуни 2019 година. На сметките на 1 правно и 121 физичко лице, кои имаа пријавено и утврдено штета, уплатени се 3.741.450 денари ( три милиони седумстотини четириесет и една илјада и четиристотини педесет денари).
На седницата на Владата на Република Северна Македонија одржана на 10 февруари 2020 година донесена е Одлука за одобрување на средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година. Со оваа Одлука на Општина Василево и се доделени финансиски средства во висина од 3.741.450 денари. Овие средства се наменети како парична помош на Општина Василево, согласно Информацијата на Комисијата за проценки и утврдување на висината на штетата од елементарни непогоди и Извадокот од Нацрт-записникот од Седмата седница на Владата на РСМ одржана на 10 февруари 2020 година.
Денес уплатените средства, граѓаните може да ги очекуваат на своите сметки во понеделник после 14.00 часот.





