„Од сите нас зависи во каква општина ќе живееме. Свесноста и личната одговорност треба да ни се врвен приоритет. Да градиме одговорна заедница“, напиша на својот ФБ профил градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, споделувајќи ја информацијата за најновите комунално – градежни активности кои се спроведени во населеното место Чанаклија.
На негова иницијатива, во соработка со ЈПКД „Турија“, расчистена е дивата депонија во ова населено место, а порамнети се и неколку од селските улици, каде имаше наноси од песок и земја, натрупани од поројните дождови актуелни во овој период.
Градоначалникот информираше и за стартот на изградба на две улици кај кои се започнати подготвителните работи.
Станува збор за две улици од кои едната е во должина од 100 а другата од 70 метри и истите се планирани со Програма за изградба на локални патишта и улици во општина Василево за 2023 година за која општината има обезбедено средства од сопствениот Буџет.





