Општина Василево деновиве работи на подготовка на теренот за асфалтирање на неколку улици. Како што информираше градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев, преку својот ФБ профил (https://www.facebook.com/profile.php?id=100063647856196) и ФБ профилот на општина Василево, https://www.facebook.com/opstina.vasilevo.marjan, се работи за подготовка на вкупно пет улици од кои четири во населеното место Василево и една во населеното место Сушево. Во Василево ќе бидат асфалтирани вкупно 420 метри, односно една улица од 160 м, една од 104 м, една од 85 и една од 70 метри, за што од општинскиот Буџет се обезбедени околу 1 200 000 денари.
Во населеното место Сушево за асфалт се подготвува улицата што води кон црквата чија должина изнесува 112 метри. Буџетот за изградба и на оваа улица е обезбеден од општинската каса и изнесува околу 320 000 денари.
Според информацијата од градоначалникот, следни за асфалтирање се планираните улици во населените места Пиперево, Ангелци, Нова Маала, Доброшинци, Чанаклија, Седларци и Едрениково. Сите овие улици се од Програмата за изградба на улици и патишта на општина Василево за 2020 година и за сите нив средствата се обезбедени од општинскиот Буџет.
Изведувач на градежните работи на терен е градежната компанија Пешо инженеринг.





