Почитувани сограѓани
Во моментите кога ја испраќаме Старата 2020 година, чест и задоволство ми е да Ви се обратам и да Ви ги упатам моите искрени желби за добро здравје, среќа и благосостојба во годината што доаѓа и да изразам надеж дека во секој поглед, на секое поле, 2021-та подобра ќе биде.
Зад нас е година која во колективната меморија ќе биде запаметена по пандемијата предизвикана од Коронавирусот, Covid-19, и нејзините последици врз се и секого. Година во која човештвото ја води најголемата и најзначајната битка во поновата историја; епска битка со сеуште до крај непознат непријател, битка за секој човечки живот. Ова е година во која наши херои се здравствените работници, а секој спасен човечки живот е неспоредливо поголем успех и од најголемите реализирани проекти.
И токму затоа мојата најголема желба за годината што доаѓа е добро здравје за сите; да бидеме сите здрави и живи, да ни се врати нормалното секојдневие исполнето со мноштво предизвици кои го прават животот динамичен и исполнет со креативен неспокој.
Здравјето е двигателот на се останато. Оној импулс кој го раздвижува секојдневието, ги прави сите промени возможни, сите идеи реални, кој гради и ствара нови вредности за нашата благосостојба.
Токму затоа посакувам се што беше, грдо, лошо и секоја лоша мисла да ги оставиме зад нас и со позитивна мисла, надеж и верба дека можеме да им се спротивставиме на лошите работи, како победници да зачекориме во Новата 2021 година.
Драги сограѓани, почитувани пријатели, од мое име и од име на општина Василево, Ви упатувам желби за здравје, бериќет и спокој во вашите домови.
Среќна Нова 2021 година
Со почит,
Ваш градоначалник





