Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, денес по повод свечениот настан за одбележувањето на патрониот празник на ООУ „Гоце Делчев“, Василево, положи свежо цвеќе и се поклони пред бистата на патронот на училиштето – војводата Гоце Делчев.
Во своето пригодно обраќање, честитајќи им го празникот на учениците им порача дека нивната моќ е во знаењето, во она што ќе го понесат со себе од училишните денови и на тој начин вооружени со нови знаења ќе можат да чекорат кон иднина каква што посакуваат. Но на тој пат не треба да го заборават минатото и своите корени од кои треба да ја црпат енергијата која ќе ги води напред.
„За сите Вас имам една порака: моќта е во знаењето. Затоа иднината кон која чекорите, може да ви биде убава ако сте вооружени со знаења, напредни идеи и амбиција и ако се трудите секој нареден ден да бидете поуспешни од претходниот. Токму онака како што порачувал и Вашиот патрон, големиот Гоце Делчев. Единствено така, со силата на знаењето и моќта на мудроста, свртени кон иднината, но не заборавајќи го минатото од кое црпиме сила и енергија, можеме да чекориме напред“, им порача Андонов.
Желби за успех, развој и резултати достојни на името и делото на великанот Делчев, патронот на училиштето, во своето обраќање упати и директорот на училиштето Виктор Христов.
За културно забавниот дел се погрижија учениците кои изведоа богата културно – уметничка програма со музички, рецитаторски и драмски точки, оддавајќи му на тој начин почит на нивниот патрон Гоце Делчев.





