Локалната самоуправа Василево деновиве работи на изградба на три улици во населеното место Пиперево, кои се планирани со годинешната Програма за изградба на локални патишта и улици. Станува збор за улици во вкупна должина од 355 метри кои се на различни локации, и за чија изградба општината од сопствениот Буџет обезбеди околу 1 150 000 денари.
Денес на терен беше градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев, кој по извршениот увид информираше дека се работи и на трите улици планирани за изградба во ова населено место. „Деновиве во Пиперево градиме три улици, кои се дел од Програмата за изградба на локални патишта и улици за 2019 година. Од планираните вкупно 15, досега комплетно се завршени четири и тоа две во населеното место Градашорци и по една во населените места Ангелци и Седларци“. Според информацијата од градоначалникот Јанев, денес, една од улиците се посипувала со тампонски материјал додека на другите се изведуваат подготвителни активности, односно расчистување на теренот, мерење, одбележување и рамнење.
Активностите на терен ги изведува градежната компанија „Портланд“.
Градежните активности продолжуваат да се одвиваат со предвидената динамика и во наредниот период.