Општина Василево со сопствено доброволно Противпожарно друштво

Денес,  на свечен настан беше промовирано новоформираното Здружение,  Доброволно противпожарно друштво Турија Кристал кое како прво такво здружение ќе функционира на територијата на општина Василево. Три современи противпожарни возила од кои едно со капацитет од 5 тони вода, друго со капацитет од три тони и едно за брзи интервенции,  од денес се на располагање за потребите на општината во случај на пожар.
„Кога некој сака да помогне ќе си најде начин, рече во својата изјава основачот на Здружението, г-дин  Бранко Ефтимов –  стопанственик со сопствени стопански капацитети во индустриската зона на општина Василево, човекот кој ги обезбеди противпожарните возила. „Во разговор со пријатели,  вработени во општината, се искристализира  идејата која беше прифатена и  од Градоначалникот, дека на тој начин ќе и се помогне на општината во справување со еден од поголемите проблеми, но и на целата заедница. И еве сме денес овде, да ја промовираме соработката“, рече Ефтимов.
Од името на граѓаните на општина Василево, благодарност изрази градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов. „Најпрво јавно сакам да се заблагодарам на господинот Бранко Ефтимов, стопанственик и пријател на општина Василево, но  пред се хуманист и општествено одговорна личност, која на практичен начин покажува грижа за заедницата. Денешниот настан е посебно важен. Општина Василево за прв пат добива Доброволно противпожарно друштво.  Имајќи предвид дека последните години, во летниот период неретко ни се случуваат пожари, сите ние добро ја знаеме потребата од вакво друштво, возила, опрема и луѓе  обучени да одговорат на предизвиците. Токму во тој контекст, следниот чекор е објавување на јавен повик од страна на општината, за обука на лица, доброволци кои ќе бидат  подготвени да интервенираат во случај на потреба. Општина Василево во делот на заедничката соработка обезбеди просторија за друштвото“, рече во својата изјава за медиумите градоначалникот Андонов. Просторијата  која ќе биде еден вид база и место за чување на опремата и координација на активностите  се наоѓа во Домот на културата во Василево.
Градоначалникот Андонов на крајот од својата изјава посака што поретко да се користат возилата, односно помалку пожари во периодот што ни следува. „Искрено, посакувам потребата од такви активности да биде сведена на минимум, но среќен сум дека на прагот на летото, во пресрет на високите летни температури, кога и најчесто се случуваат пожарите, како општина за прв пат ќе бидеме целосно подготвени и со опрема и со луѓе да се справиме со евентуалните пожари.

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail