Спортската сала при ООУ „Гоце Делчев“ Василево денес беше местотото каде учениците заедно со своите родители и наставници, во рамки на проектот „Спортот и семејните вредности“ заедно спортуваа и се забавуваа. Овој проект, во кој сите беа победници и чија основна цел е да се промовира спортот и да се стимулираат граѓаните преку спортот и спортските активности да се дружат повеќе меѓусебно и да се зајакнат врските во семејството, се реализираше под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, Сојузот на спортски федерации на Р.Македонија и локалната самоуправа.
„Општина Василево е четвртата општина после Скопје, Велес и Прилеп каде го промовираме проектот,симболично наречен „Спортот и семејните вредности“ чија што основна цел е да ги стимулираме родителите да поминуваат повеќе време со своите деца, односно да ги зајакнеме семејните врски и семејните вредности во современото македонско семејство. Она што е многу нитно во овој динамичен начин на живот каде најчеста појава е отуѓеноста во самите семејства една од најдобрите настани кои можеме да ги приуштиме е спортот и дружбата. Верувам дека со реализацијата на овој проект ќе ја постигнеме целта а истовремено младите луѓе ќе ги стимулираме да се занимаваат со спорт и спортски активности. Денеска нема да има победници и победени, денес ќе победи дружбата“, – изјави директорот на АМС, г-дин Марјан Спасески.
Градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов упатувајќи благодарност до АМС и Сојузот на спортски федерации што општина Василево и ООУ „Гоце Делчев“ беа одбрани како место во кое се имплементираше овој проект изрази подготвеност општината во иднина да продолжи самостојно со реализација на вакви и слични проекти со цел да се мотивираат младите што повеќе да се занимаваат со спорт. „Со овој проект, Спортот и семејните вредности, сакаме сите млади луѓе да ги поттикнеме да се занимаваат со спорт, а општина Василево е тука да им ги овозможи потребните услови“, изјави Стојанов.
Речиси двочасовното спортување во кое децата практикуваа повеќе спортски игри заврши онака како што беше планирано; сите беа победници. Победи спортот победи другарувањето, победи забавата. Затоа што сите беа победници , сите беа и наградени. Освен спомените од убавото дружење, со себе сите понесоа и награди – подароци од покровителите, по една ташничка со знамето на Македонија и топки за нови спортски игри, предизвици и дружења.





