Синоќа, со почеток во 20,00 часот во просториите на Домот на културата во Василево, Советот на општина Василево ја одржа редовната 50-та седница. Дневниот ред беше дополнет со четири предлози, меѓу кои и Предлог-одлука за измена и дополнување на Одлуката за настаната штета од природна непогода во општина Василево, а се однесува на штетите предизвикани од мразот во деновите 18, 19 и 20 март 2025 година.
Предлогот го образложи градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, кој рече дека е постигната согласност со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со цел да им се излезе во пресрет на земјоделците, посебно овоштарите кои имаат претрпено штета од мразот во наведениот период. Рокот за пријавување ќе биде продолжен а на терен проценки ќе вршат Комисиите кои се веќе формирани и вршат проценка на штетите предизвикани од градот. Предлогот беше едногласно усвоен од сите присутни советници.
Едногласно беа усвоени и останатаите точки од дневниот ред, кој освен дополнувањето со Предлог-одлуката за штетата беше дополнет со уште три точки, главно барања за финанси средства и помош.
Дополнување и измена претрпе и Програмата за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води во општина Василево за 2025 година. Измената се состои во зголемување на првично планираниот Буџет поради проширување на активностите во делот на изградба на системите за фекална канализација низ населените места на општината.
Едногласно беа усвоени и промените на Програмата за уредување на просторот на градежно земјиште во руралните подрачја во општина Василево за 2025 година, која како што образложи градоначалникот Славе Андонов, проширена е со изградба на бетонскиот канал од с. Владевци до с. Сушево за кој пред два дена Градоначалникот потпиша договор со Министерството за локална самоуправа.
Усвоена беше и Предлог-програма за измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2025 година, како и двете точки кои се однесуваат на работењето на детската градинка во Василево и ООУ„Гоце Делчев“, Василево, односно Завршната сметка на ЈОУДГ „Прва радост“, Василево за 2024 година и Годишниот план за вработување на ООУ „Гоце Делчев“, Василево за 2025 година.





