Денес, Советот на општина Василево ја одржа 25-та седница на која беа усвоени сите 22 предлози од дневниот ред. Годишните програми за работа на двете основни општински училишта „Гоце Делчев“ и „Атанас Нивичански“ како и годишната програма на детската градинка „Прва радост“, по образложенијата дадени од претставниците на овие институции го добија потребното мнозинство. Пред советниците, на разгледување и усвојување, беа уште по неколку значајни документи поднесени од овие институции, а кои се неопходни за нивно непречено функционирање. Од ЈОУДГ „Прва радост“ доставени беа Годишниот извештај за работата за периодот септември 2018 – август 2019, Одлука за утврдување на почетокот и завршетокот на работното време како и Одлука за прием на повеќе или помалку деца од предвидениот капацитет. Сите овие предлози го добија потребното мнозинство. Усвоени беа и Развојниот план на ООУ„Гоце Делчев“ за периодот 2019-2013, Годишниот извештај за работа на ООУ„Атанас Нивичански“ за учебната 2018/2019 како и Статутот на ова училиште. Согласно законските измени , донесени беа одлуки и за разрешување на по еден член од Управните одбори на двете Основни општински училишта.
Од областа на градежништвото и урбанистичкото планирање Советот усвои шест предлог одлуки од кои пет се однесуваат на утврдување на потребата од донесување на урбанистичко-планска документација за проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправно-изградени објекти и една со која се определува крајбрежниот појас на одводниот канал во с. Градашорци.
Членовите на Советот позитивно се изјаснија и по сите четирите барања за финансиски средства поднесени од правни и физички лица.





