Советот на општина Василево ја одржа 44-та седница

Вчера, 30.10.2024 година (среда) со еден ден одложување во однос на првично закажаниот термин, Советот на општина Василево ја одржа редовната 44-та седница. Советниците работеа по обемен дневен ред, кој по дополнувањето на седницата со нови 26 предлози  имаше вкупно 41 точка и  сите  го добија потребното мнозинство.
Усвоени беа предлозите кои се однесуваа на работењето на ЈПКД „Турија“, Василево,  односно со Одлука,  на ова  Претпријатие му беше пренесено правото на сопственост на камионот-цистерна за чистење кој општина Василево го доби како донација од општина Согут, Р.Турција, како и  правото на трајно користење на контејнери добиени од Министерството за животна средина и просторно планирање. Усвоена беше и Одлука за вклучување на домаќинствата во организирано собирање на отпад во населеното место Едрениково како и Финансискиот извештај за работењето на ЈПКД „Турија“, Василево за период 01.01.2024 до 30.09.2024 година.   Во наведениот период претпријатието бележи загуба од 396 594 денари.
На вчерашната седница Советниците донесоа и Одлука со која се врши измена и дополнување на Одлуката за утврдување на пазарната вредност на недвижниот имот односно зголемување  на цената на пазарната вредност на земјиштето во градежниот опфат.
Едногласно беа усвоени и Извештаите за работата во претходната учебна година на двете основни општински училишта „Гоце Делчев“, Василево и „Атанас Нивичански“, Нова Маала, како и разрешувањето и именувањето на нов член во Училишниот одбор на ООУ„Гоце Делчев“, Василево, каде на местото на Сања Стојанова Велкова, именуван е Иван Николов.
Советниците го усвоија и  Планот на програмите за развој, кој се однесува на изградбата на систем за фекална канализација за с. Василево со средства обезбедени од Владата. Образложение даде градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов:  „Како што сте веќе запознаени општина Василево доби средства преку Јавниот повик од Владата. Средствата се за канализација во с. Василево и се во износ од околу 28 000 000 денари. Поважно е дека идната година, некаде во февруари ќе добиеме околу еден и пол милион евра со кои ќе се реализираат поголеми проекти и важни прашања за граѓаните што ние како општина реално никојпат сами не можеме да ги решиме бидејќи ги немаме овие средства“, нагласи Андонов.
Едногласно беше усвоен и Ребалансот на Буџетот. Измените се состојат во намалување на средства и тоа кај вкупниот буџет во износ од 2 110 246 денари, односно 1 400 000 денари кај основниот и 710 246 кај блок дотациите. Советниците беа усогласени и околу Кварталните извештаи за работата на општина Василево во периодот од 01.01.2024 до 30.09.2024 година, односно Кварталниот  извештај за извршување на Буџетот за 2024 година (К1), Кварталниот извештај за доспеаните а неизмирени обврски на општина Василево (К2) и Кварталниот  извештај за промените на состојбата задолжување на општина Василево (К3), кои без дискусија и забелешки беа едногласно усвоени.
На дневен ред на вчерашната седница беа и најголем дел од програмите за работа на општината за наредната 2025 година. Некои како редовни а некои дополнителни точки на дневниот ред, но заедничко за сите е што го добија потребното мнозинство, односно беа усвоени од советниците. Станува збор за следниве програми: Програма за локален економски развој на подрачјето на општина Василево за 2025 година; Програма за реконструкција на детски градинки за 2025 година; Програма за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2025 година; Програма за уредување на градежно земјиште во општина Василево за 2025 година; Програма за изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води во општина Василево за 2025 година; Програма за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја во општина Василево за 2025 година; Програма за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици за 2025 година; Програма за третирање на животните бездомници на подрачјето на општина Василево за 2025 година; Програма за одржување и проширување на уличното осветлување вбо општина Василево за 2025 година; Програма за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на општина Василево за 2025 година; Програма за социјална заштита во општина Василево за 2025 година; Програма за уредување на градежно земјиште во индустриска зона во општина Василево за 2025 година; Програма за одржување на локалните патишта и улици во општина Василево за 2024/2025 година во зимски услови; Програма за комунални дејности на подрачјето на општина Василево за 2025 година; Програма за активностите на општина Василево во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и справување со кризи во 2025 година; Програма за животна средина  на општина Василево за 2025 година; Програма за заедничка потрошувачка во општина Василево за 2025 година и   Програмата  за поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација на локалните патишта и улици по населени места во општина Василево во 2025 година.
Советниците ги разгледаа и неколкуте барања за финансиска помош поднесени од правни и физички лица и за сите беа донесени позитивни одлуки односно им беа одобрени финансиски средства.

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail