Советот на општина Василево ја одржа 46-та седница

Вчера, 10.02.2025 година, Советот на општина Василево ја одржа редовната 46-та седница, на чиј дневен ред по дополнувањето беа вкупно осумнаесет точки и сите го добија потребното мнозинство.
Дополнителни точки,  предложени на самата седница беа: Предлог-статутарна одлука за изменување и дополнување на Статут на јавна општинска установа за деца – Детска градинка „Прва радост“, Василево и Пречистен текст од Статут на јавна општинска установа за деца – Детска градинка „Прва радост“, Василево; Предлог Статут на Јавна општинска установа за деца Детска градинка „Прва радост“, Василево; Барање за финансиски средства од Валентина  Мицева од с.Василево и Барање за финансиски средства од Пембе Изирова од с. Висока Маала.
На дневен ред беа кварталните извештаи за извршувањето на Буџетот на  општина Василево за четвртиот квартал од годината, односно за периодот 01.10.2024 до 31.12.2024 година и истите го добија потребното мнозинство. Образложение даде раководителката на Одделението за финасии при општина Василево Габриела Ефтимова која меѓу другото рече дека од планираните 206 506 004 денари кај вкупниот буџет (ова е Буџетот на општина Василево заедно со буџетите на единките корисници ООУ „Гоце Делчев“,  Василево, ООУ „Атанас Нивичански“ Нова Маала и ЈОУДГ „Прва радост“, Василево) на крајот од пресметковниот период, 31.12.2024 година, реализирани се 183 111 337 денари или изразено во проценти, 88,67%. Реализацијата пак кај основниот Буџет е 84,61 %, кај Блок дотациите 98,20%, кај самофинансирачките активности 27,22%, додека кај донациите од планираните 88 750 денари, реализацијата е 28 900 денари или  32, 57% .Осврт на реализацијата на Буџетот за 2024 година даде и градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, кој реализацијата ја оцени како одлична: Реализацијата е околу 84 % , данокот на имот е собран со преку  90 %  и е една од подобрите години по основ на прибраниот данок на имот а по тоа се гледа и работата на администрацијата.  Градоначалникот напомена дека општината во последните 4-5 години работи со блокирана сметка, долг и кредити кои веќе се исплатени, како и високи камати. Андонов најави финансиско стабилизирање на општината без кредитни задолжувања и реализација на планираните програми.  Образложение за обврските на општина Василево за последниот, четвртиот квартал од 2024 година, односно Кварталниот извештај К2 за состојба 31.12.2024 год. даде раководителката на одделението за финасии, која кажа дека обврските на крајот од пресметковниот период изнесува  115 297 166 денари.
Една од точките на дневниот ред беше и Предлог-одлуката за проширување на средствата на Буџетот на општина Василево за 2025 година, која како што беше образложено се однесува на детска градинка, конкретно потребите кои произлегуваат од скорешното отварање на новата детска градинка во с. Ангелци и нејзино ставање во функција. И овој предлог беше усвоен од страна на советниците.
Усвоени беа и останатите предлози од дневниот ред, односно  Финансиски извештај на ЈПКД „Турија“ за четврто тромесечие за 2024 година; Предлог-одлуката за утврдување на надоместок на надворешен член во Комисијата за урбанизам на општина Василево; Предлог-одлуката  за донација на ЈЗУ Општа болница Струмица која изнесува 60 000 денари и за набавка на влезна врата; Предлог-одлуката за измена на Одлука за утврдување на висината на даночните стапки бр. 07-793/1 од 09.11.2005, Одлуката за утврдување на висината на даночните стапки бр. 07-2392/1 од 15.12.2007 година и Одлуката за утврдување на висината на даночните стапки бр. 08-1670/1 од 31.12.2024 година. Усвоена беше и Програмата за спроведување на општите мерки за заштита на населението од заразни болести и План за спроведување на дезинсекција и дератизација на територијата на општина Василево за 2025 година како и три предлози кои се однесуваат на работењето на ЈОУДГ „Прва радост“, Василево и тоа:  Предлог-статутарната одлука за изменување и дополнување на Статут на јавна општинска установа за деца – Детска градинка „Прва радост“, Василево и Пречистениот  текст од Статутот на јавна општинска установа за деца – Детска градинка „Прва радост“, Василево и  Предлог Статут на Јавна општинска установа за деца Детска градинка „Прва радост“, Василево. Позитивен беша ставот на Советниците и кон барањата за финансиска помош поднесени од физички и правни лица.

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail