Со донација од Лотарија на Македонија до целосна реконструкција на игралиштето во с. Владевци

Советот на општина Василево денес ја одржа редовната 49-седница на која едногласно беше прифатена донацијата од страна на Државната видеолoтарија на Македонија – Касинос Австрија, ДОО Скопје, која се состои во целосна реконструкција и уредување на повеќенаменското игралиште во с. Владевци. „ Општина  Василево ќе стане дел од проектот на Лотарија на Македонија, ќе добиеме донација за поставување на нова подлога односно комплетна реконструкција на игралиштето во Владевци. Тое е дел од Програмата и кај мене мене како Градоначалник но и Советот  ја има изгласано. Мислам дека ќе биде едно од поубавите игралишта бидејќи ќе биде со тартан подлога, целосно ќе биде заменета мрежата околу игралиштето и поставени нови кошеви и стативи“, рече во образложението за оваа точка од дневниот ред градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов. Како што стои во предлогот доставен до Советот, реконструкцијата на мултифункционалниот терен ќе се состои од: гумен подлога-тартан, метална ограда, стативи и кошеви.
Советниците беа едногласни и во прифаќањето на Предлог-одлуката  за кофинансирање на општина Василево за реализација на проектот: „Подобрување на правното и финансиското опкружување за граѓанските организации избрани преку заеднички јавни повици“, кој се финансира од ReLOaD3 Програмата a учеството на општината ќе биде 31%. Новоформираното Здружение Доброволно противпожарно друштво „Турија Кристал“, со одлука на Совет за своите потребо доби на користење просторија во Домот на културата во Василево.
Неколку од точките на денешната седница, беа поврзани со работењето на ЈПКД „Турија“ и сите го добија потребното мнозинство. Усвоен беше финансискиот извештај на ова претпријатие за првиот квартал од оваа година, односно период од 01.01.2025 до 31.01.2025 година,  утврдена беше тарифата за водата за пиење или водоснабдување на правните и физичките лица и тарифата за собирање и одведување на урбани отпадни води на правни и физички лица, а измени претрпе и  Правилникот за плати на вработените во ЈПКД „Турија“ односно усогласување на платите согласно Закпонот за минималната плата.
На седницата позитивно беше одговорено и на Барањата за финансиска помош и поддршка поднесени од повеќе  правни и физички лица.

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail