Денес, по повод почетокот на пролетта, локалната самоуправа Василево во соработка со ЈПКД „Турија“, општинските основни училишта и детската градинка реализираше голема еколошка акција во која на повеќе локации се засадени околу 300 млади садници на елка и црн бор, обезбедени од страна на општина Василево. Со акцијата се опфатени повеќе локации во повеќе населени места и тоа: во дворот на локалната самоуправа, во паркот на влезот од с. Василево, во паркот пред ЈПКД „Турија“, Методиј Митев, во паркот во с. Градашорци, на просторот покрај игралиштето во с. Пиперево, во двете основни општински училишта, во училишниот двор во с. Радичево и во дворот на детската градинка „Прва радост“, во Василево. Паралелно со ова спроведена е и акција на чистење на отпадот од споменатите локации.
„Првиот пролетен ден одсекогаш е асоцијација за будење на природата и активности посветени на екологијата и заштитата на животната средина. Денес, општинската администрација заедно со вработените од ЈПКД „Турија“, Василево, вработените и учениците во училиштата, како и вработените и дечињата од детската градинка, заеднички спроведовме еколошка акција во која на повеќе локации во повеќе населени места садевме млади садници и го собиравме комуналниот отпад“, изјави градоначалникот на општина Василево Славе Андонов по повод денешната еколошка акција во која активно учествуваше. „Генерално, грижата за животната средина и околината постојано е во фокусот на моите активности како градоначалник. Буквално од првиот ден сум на терен и заедно со комуналното препријатие се бориме со дивите депонии и го расчистуваме отпадот. Денешната акција е мал влог во нашата иднина и позитивен пример кој се надевам ќе го следат и останатите мои сограѓани. Грижата кон природата мора да биде секојдневна, а нашиот однос кон околината пријателски, бидејќи наша цивилизациска обврска е да ја зачуваме за идните поколенија“, нагласи градоначалникот Андонов.