Во населеното место Василево, улицата што од поштата води кон црквата е во завршна фаза. Градежната компанија ангажирана од општина Василево, работи на поставување на прв асфалтен слој и подготовка за финалниот слој, со што оваа улица , до неодамна раскопана, и многупати пред тоа крпена, ќе биде едно современо и квалитетно сообраќајно решение во овој дел од населеното место Василево.
„Веднаш по завршувањето на првиот слој, во текот на наредната недела ќе биде поставен и финалниот слој асфалт, по што до целосно завршување на сите планирани активности останува уште поставувањето на канделабрите, како современо осветлување кои освен функационален имаат и естетски ефект“, изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, во врска со текот и динамиката на активностите на оваа улица.
„Инаку улицата е со атмосферска канализација, која е веќе поставена исто како и подземната електрична инсталација а изградени се и тротоарите од двете страни кои обезбедуваат сигурно движење на пешаците, нагласи градоначалникот Јанев.
Должината на улицата е 216 метри, ширината 5 метри, со тоа што на просторот кај црквата има значително проширување, па поради тоа асфалтираната површина е проектирана на околку 1 600 м2.
Буџетот изнесува околу 4,5 милиони денари од кои околу 3 800 000 денари се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој а останатите се општински средства.
Изведувач на работите на терен е градежната компанија Универзал градба.





