Денес, Советот на општина Василево ја одржа втората седница, на која беа формирани постојаните Комисии за работа на Советот. Со 14 гласови „за“ и еден „воздржан“ формирани беа: Комисијата за урбанизам, комунални дејности и заштита на животната средина, Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој, Комисијата за статут и прописи, Комисијата за општествени дејности, Комисијата за земјоделие и заштита на животните и растенијата, Комисијата за јавна безбедност, безбедност во сообраќајот и противпожарна заштита, Комисијата за еднакви можности, како и привремената Комисија за изработка на Предлог-годишна Програма за работа на Советот на општина Василево за 2018 година.
На денешната седница разрешени се старите и именувани нови членови на Управните одбори на двете основни општински училишта „Атанас Нивичански“ Нова Маала и „Гоце Делчев“ , Василево како и членовите на УО на ЈОУГД „Прва радост, Василево. Со образложение дека разрешувањето на членовите на управните одбори е од политички причини, советниците од редовите на ВМРО ДПНМЕ и коалицијата, за време на расправата по овие три точки ја напуштија седницата и не учествуваа во гласањето за нив.
Советниците беа едногласни во донесувањето на Програмата за одржување на локалните патишта и улици во општина Василево за 2017/2018 година во зимски услови.
На оваа седница усвоени беа и два предлози за финансиска поддршка како и две предлог-одлуки за утврдување на потребата од донесување на урбанистичлко-планска документација за проширување на планскиот опфат и вклопување на бесправни објекти.





