Советот на општина Василево ја одржа 16-та седница

sednica

Вчера,  Советот на општина Василево ја одржа 16-та седница, на чиј дневен ред по дополнувањето имаше вкупно девет точки, меѓу  кои и Измена и дополнување односно ребаланс на Буџетот на општина Василево за 2022 година. Ребалансот, односно кратењето е за износ од 11 060 000 денари и според образложението дадено од претставникот од општинската администрација кратењата се во делот на ратите од кредитите кои заради блокираната сметка општината не е во можност да ги плаќа, како и за одредени трансфери донесени по одлуки на Совет, како и трансфери кон спортски клубови. Образложение, за како што рече суштината на Ребалансот  даде и градоначалникот на општина Василево Славе Андонов: „Во Собранието беше изгласан Закон и правила по кои догодина ќе се распределуваат средствата кон општините од страна на државната власт. Ребалансот е со цел да го достигнеме цензусот на реализација за да можеме наредната година, според новиот начин на пресметка за распредлба на средства на општините, како општина Василево да добиеме повеќе  средства. Рокот за Ребаланс е до утре“.

На дневен ред на денешната седница беа и Предлог-програмата  за активностите на општина Василево во областа на заштитата и спасувањето, противпожарната заштита и справување со кризи во 2023 година; Предлог-програма за активноста на општина Василево во областа на социјалната заштита за 2023 година; Предлог-програма за заедничка потрошувачка  во општина Василево за 2023 година и  Предлог-програма за одржување и проширување на уличното осветлување во општина Василево за 2023 година и сите беа едногласно усвоени.

Со Решение формирана е комисија за изработка на Предлог-програма за работа на Советот на општина Василево за 2023 година, во состав: Александар Митров, Блажо Делев, Ристо Делијанов, Александра Мадевска и Блаже Коцев.

Едногласно беа усвоени и Годишен извештај за работата на ООУ„Гоце Делчев“, Василево за учебната 2021-2022 и Извештајот за самоевалуација на ООУ „Гоце Делчев“, Василево за периодот 2020 – 2022 година, за кои образложение даде директорот на ООУ „Гоце Делчев“, Дејан Стојанов.

Советниците позитивно се изјаснија и по барањето за градежен материјал за бетобнирање на дел од улица во населеното место Радичево, поднесено од тамошните жители.

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail