Одржана 17-та Седница на Советот на општина Василево, Советниците ги донесоа Програмите за 2023 година

sednica

Во недела, 11.12.2022 година, Советот на општина Василево ја одржа 17-та седница на чиј дневен ред, главно беа Програмите за наредната 2023 година и сите беа донесени едногласно.

Образложенија за Програмите даваше градоначалникот на општина Василево Славе Андонов  како предлагач на истите, чиј став генерално беше дека предложените Програми се во рамки на реално остварливото, во согласност и консултации со граѓаните од населените места и според финансиските можности на општина Василево, со забелешка дека  доколку се створат финансиски  услови истите ќе бидат  изменети  и дополнети.

Сите Програми беа усвоени, едногласно.

Програмата за комунални дејности на подрачјето на општина Василево за 2023 година се однесува главно на одржување на каналите низ населените места, чистење и дислокација на дивите депонии како и на одржување на парковите и јавните површини. Планираниот Буџет за оваа програма е 1 800 000 денари.

Програмата за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадни води  на општина Василево за 2023 година, се однесува на изградба на фекална канализација, односно по еден крак  во населените места Василево и Пиперево и Ангелци, за што вкупно се планирани 5 750 000 денари.

Разгледана и донесена беше и Програма за уредување на градежно земјиште во општина Василево за 2023 година, за која во образложението Градоначалникот нагласи дека е една од Програмите преку која општината ги добива главните извори на приходи, а со која се уредени надоместоците што се плаќаат како комуналии, односно надоместоците за изградба, кои се едни од основните извори на приходи на општина Василево.

Програмата за изградба и реконструкција на водоводната мрежа во општина Василево за 2023 година е со планиран Буџет од 1 900 000 денари, средства со кои е планирана  реконструкција на дел од водоводните мрежи и системите за водоснабдување низ населените места заради подобрување на квалитетот и исправноста на водата за пиење.

Едногласно беше усвоена и Програмата за изградба, реконструкција, одржување на локални патишта и улици во 2023 година. „И  оваа Програма како и сите други можно е да претрпи промени бидејќи се најавуваат Повици каде што ќе можеме да градиме повеќе улици. Во јануари и февруари ги очекуваме повиците преку Бирото за регионален развој, а за населените места Радичево и Дукатино со средства обезбедени преку ЈИПР ќе изградиме по една улица и тоа кон црквата Св. Илија во Радичево и манастирот Св. Ѓорѓи во Дукатино,  така што наредната година ќе биде една динамична година од аспект на градежните активности и мислам дека ќе се решат голем дел од проблемите на граѓаните“, рече во образложението градоначалникот Андонов.  Планираниот буџет за реализација на оваа Програма изнесува 5 890 000 денари.

Со Програмата  за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја во општина Василево за 2023 година, опфатени се изградба на повеќенамнески игралишта во Чанаклија и Висока Маала, реконструкција на постојните во Василево, Радичево и Владевци, за чија реализација планирани се 9 000 000 денари. Во оваа Програма вклучено е и партерното уредување на центарот во с. Нова Маала, за кое средствата во висина од 4 000 000 денари се обезбедени од БРР.

Усвоена беше и Програмата во која, како што рече Градоначалникот, треба да ја гледаме иднината на општината, односно Програмата за изработка на урбанистички планови во општина Василево за 2023 година. За реализација на планирањата од оваа Програма, планирани се 500 000 денари.

Советниците ја усвоија и Програмата за уредување на градежно земјиште во индустриска зона во општина Василево за 2023 година, со која се опфатени сите активности за инфраструктурно уредување на индустриските зони на територијата на општина Василево.

Програмата за изградба и реконструкција на Детски градинки за 2023 година, се однесува на изградбата на детската градинка во с. Ангелци која е при крај и најверојатно во јануари ќе бидат реализирани и последните активности.

Донесена беше и Програмата за локален економски развој на подрачјето на општина Василево за 2023 година, која се однесува на проектите кои општината ќе ги аплицира во текот на оваа година.

Во врска со Програма за поставување на вертикална и хоризонтална сообраќајна сигнализација на локалните патишта и улици по населени места во општина Василево за 2023 година, советниците имаа усогласен став дека најголемите потреби се околу поставувањето на т.н лежечки полицајци на повеќе локации  во речиси сите населени места.

Усвоена беше и Програмата за спорт, рекреација и манифестации на подрачјето на општина Василево за 2023 година, во која главно се опфатени сите манифестации, настани и спортски случувања на територијата на општина Василево, како и поддршка на спортски клубови и здруженија кои со своите активности се репрезенти на општина Василево.

Советниците позитивно се изјаснија и по доставените Барања за финансиски или материјални средства поднесени од физички и правни лица.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail