Советот на општина Василево ја одржа 35-та седница

naslov-792x300

Советот на општина Василево ја одржа 35-та седница, на чиј дневен ред по дополнувањето беа вкупно 10 точки и сите го добија потребното мнозинство, односно беа усвоени од членовите на општинскиот Совет.

Советниците беа усогласени и едногласно ги усвоија трите предлог одлуки за финансиско учество односно ко-финасирање од страна на општина Василево на проекти за чија реализација општината има поднесено апликации до Министерствата.

Со 26%, односно 780 000 денари од проценетата вредност, општината би учествувала во реализацијата на проектот: Основен проект за филтер станица за прочистување на вода за пиење за селските населби: Добрашинци, Нова маала, и Чанаклија, аплициран преку Програмата за управување со води за 2024 година на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со 20% односно 1 556 386 денари од вкупната проценета вредност, општина Василево би учествувала во реализацијата на проектот: Реконструкција на улица во с. Василево од мал парк „Методиј Митев“ до клучка за с. Пиперево. Апликацијата за овој проект е доставена до Министерството за локална самоуправа, Програма за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2024 година.

Со 21% од проценетата вредност, односно 1 115 179 денари, општина Василево би учествувала во реализацијата на проектот, Основен проект за фекален канализационен систем за с. Василево, за колектори К8, К7 и К10, кој е аплициран преку Програмата за инвестирање во животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Советниците беа едногласни и при усвојувањето на Извештајот за реализацијата  на Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици во општина Василево за 2023 година, која како дополнителна точка  беше ставена на дневниот ред на 35-та Седница.

Усвоена беше и Одлуката за ажурирање на Процената  на загрозеност на подрачјето на општина Василево од сите ризици и опасности за 2024 година, а согласност  доби и Измената  на Годишниот  план за вработување за 2024 година на ООУ „Гоце Делчев“, Василево.

Советниците позитивно одговорија и на неколкуте Барања за финансиски средства поднесени до Советот на општина Василево од правни и физички лица.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail