Продолжува инфраструктурниот развој на О.Василево

DSCN7514

Денес, на прес конференција, градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов најави реализацијата на бројни проекти во сферата на инфраструктурата, од чиј развој како што рече во основа зависат многу сегменти од секојдневното живеење на граѓаните.
„Продолжуваме во позитивна смисла да го менуваме и подобруваме ликот на нашата општина, да ги подобруваме условите за живеење на нашите сограѓани, континуирано вложувајќи во инфраструктурниот развој, од кој во основа зависат многу сегменти од нашето секојдневие“.
Стојанов ги најави проектите кои ќе бидат имплементирани со поддршка на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 год, односно:
Регулација на поројот и Улицата покрај поројот во с. Сушево, улица во с. Ангелци што води кон селската црква, во Градошорци – „Воведување на кружна крстосница помеѓу улица 3 и улица 5 во индустриска зона с. Градошорци и улицата што води кон црквата во с. Добрашинци.
Во соработка со истата Агенција, но во рамки на Југоисточниот плански регион, општина Василево како дел од овој регион, во населеното место Нова Маала, стариот Дом на културата ќе го реконструира и адаптира во современа спортска сала за потребите на Основното општинско училиште „Атанас Нивичански“ а ќе бидат изработени и урбанистички планови за населените места Владевци и Ангелци и Градошорци.
Со грант во вредност од околу 16,5 милиони денари обезбедени преку Министерството за финансии, од ЕУ ИПА грантот за рурална инфраструктура ќе бидат реализирани три проекти и тоа: Во Василево ќе се асфалтира улицата што од центарот води до индустриската зона, или попозната како стариот пат за Градошорци, еден крак, односно последниот крак од канализацијата во с. Ангелци со што сите домаќинства од ова населено место ќе ја имаат можноста да се приклучат на системот за канализација и една улица во населеното место Владевци.
Во продолжение на пресот, градоначалникот Стојанов информираше и за проектите за кои во тек се постапките за јавни набавки: „Изградба на дел од улица 4 и улица 10 во индустриската зона КО Градошорци, Изградба на парк во Василево, Изградба на парк во Градошорци и Осветлување на магистралниот пат М-6 во делот на општина Василево, односно осветлување на клучка Василево, клучка Градошорци и клучка Добрашинци.
Листата на инфраструктурни проекти беше заокружена со проектите што ќе се реализираат во образованието и спортот, две области, како што рече градоначалникот Стојанов, особено важни, првенствено поради популацијата на која и се наменети – младите, а во чиј развој локалната самоуправа постојано вложува. Училиштето во Радичево ќе добие систем за парно греење, за учениците на Висока Маала ќе биде изградено комплетно нова училишна зграда, а изградбата на двојното тениско игралиште во Ангелци е во завршна фаза.
„Реализацијата на сите овие проекти значи само едно: одговорна локална самоуправа чиј интерес е интересот на сите граѓани, а нивното задоволство единствен критериум и репер за нашата успешност“- рече на крајот градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail