Започна изградбата на паркот во Василево

DSCN7647

Со средства обезбедени од Бирото за регионален развој преку Програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби, општина Василево започна со изградна на парк на влезот во населеното место Василево.
Површината од околу 1400 м2 ќе биде комплетно уредена, оплеменета, озеленета, испресечена со бехатонски патеки, ќе бидат засадени повеќе дрвца и грмушки, а за одмор на граѓаните ќе бидат поставени клупи. Во центарот на паркот ќе биде поставено метално газебо со ротирачко пано со ознаките на општина Василево и Република Македонија. Осветлувањето ќе биде со канделабри. Како приклучен елемент на паркот, планирано е изградба на автобуска постојка.
„ Средствата за изградба на паркот, како што изјави градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов за медиумите, се во висина од 1 800 000 денари од кои еден дел, односно 80% се обезбедени од Бирото за регионален развој , а 20% се од општинскиот Буџет.
Изградбата на овој парк беше планирана со Програма за уредување на просторот на градежното земјиште во руралните подрачја на општина Василево за 2015 година и истиот според очекувањата на градоначалникот Стојанов треба да биде завршен за отприлика еден месец односно до празникот Голема Богородица, кој го празнуваат жителите на село Василево.
Со целосното завршување на сите планирани активности, површината која до скоро беше празна и обрасната со трева, и беше прва слика со која се среќаваше секој оној што ќе влезеше во општинскиот центар, набргу целосно ќе исчезне, давајќи и на општина Василево вистински урбан изглед.
Изведувач на работите е „Евроградба – Инженеринг“ ДООЕЛ, с. Владиевци.

DSCN7653

DSCN7667

DSCN7657

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail