Прес на градоначалникот на општина Василево

DSC_0300

Денес, градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, одржа прес конференција на која информираше за реализираното во 2016 година и за плановите за тековната 2017 година.

Стојанов потенцира дека за разлика од 2016 година кога најголемите инвестиции биле во патната инфраструктура, во тековната 2017 –та фокусот ќе биде ставен на изградбата на системот за фекални канализации заради трајно и квалитетно решавање на проблемите со отпадните води од домаќинствата.

Во продолжение е целиот текст од прес конференцијата на градоначалникот Стојанов.

DSC_0296

Почитувани сограѓани,

Транспарентното и отчетно работење се заштитен знак на општина Василево. За се што е сработено сметка Ви полагаме Вам граѓаните на мојата општина, бидејќи Вие ни ја дадовте довербата, Вашите потреби да ги претвориме во реалност, да ги решиме нерешените прашања од сите области кои се во надлежност на локалната самоуправа, и се разбира заедно да го креираме ликот на сите наши населени места.

Бројките ги потврдуваат моите зборови, а изградените објекти се неми сведоци кои со своето постоење се потврда дека во општина Василево, во измината 2016 година се работело, се инвестирало, и се  реализирале низа на проекти.

Над 30 000 000 денари или половина милион евра се реализирани само преку Програмата за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локалните патишта и улици.

Во населеното место Сушево, чија инфраструктура беше уништено од невремето во 2013 година, изграден е Сушевскиот порој со капацитет доволен да ги акумулира водите и од невреме далеку поголемо од она од 2013 –та. На поројот изградени се два нови моста, а паралело со поројот и во иста должина од 1200 метри изградена е и улица со атмосферска канализација, пешачка патека и осветлување.

Со грант обезбеден од Европската унија преку ИПА претпристапните фондови, асфалтирана е улица во стариот дел од с. Владевци чија должина е околу 400 м. Во ова населено место изградена е и канализација и тоа во должина од околу 600 м.

Согласно потребите, приоритетите и можностите реализирани се проекти и во другите населени места. Населеното место Дукатино доби повеќенаменско игралиште со кое  на сите љубители на спортот им се нуди можност да спортуваат и рекреираат. Опременоста со рефлектори овозможува спортување и во ноќните часови. Населеното место Висока Маала доби нова  комплетно уредена и опремена училишна зграда, додека  училиштето во Радичево се придружи на големото семејство училишта од општината чии простории се загреваат со парно греење. Во ова населено место партерно е уреден и просторот пред  училиштето.

Во тековната 2017-та континуирано продолжуваме со реализација на активностите започнати во претходната година.  Градежните работи на улицата во Василево од центарот до Мис Стон се одвиваат сопланираната динамика, така што оваа година оваа улица ќе биде комплетно завршена.  Во областа на патната инфраструктура ќе биде реализиран односно асфалтиран дел од локалниот пат Чанаклија – Нова Маала, која истовремено ќе претставува и улица во ова населено место. По една новоасфалтирана улица набргу ќе добијат и населените места Пиперево и Нова Маала. За две улици во населеното место Висока Маала и една во Ангелци деновиве општината распиша тендер на кој ќе биде избрана најповолната понуда по што и во овие населени места ќе се започне со асфалтирање.

Во фаза на јавна набавка е и проектот за Реконструкција на  подрачното училиште „Гоце Делчев“ во Седларци. Со реконструкцијата ќе се изврши замена на столаријата (врати и прозорци) и кровната конструкција и вградување на систем за топловодно парно греење во училиштето. На тој начин, ќе се подобрат условите за следење на наставата, ќе се постигне заштеда на енергија истовремено постигнувајќи енергетска ефикасност преку поставување на  фотоволтаични системи со што училиштето ќе биде и енергетски независно и ќе биде прво училиште од таков тип во нашиот регион. Училиштето ќе произведува самостојно електрична енергија за сопствените потреби.

Средствата ќе се обезбедат од прекугранична соработка со Општина Струмјани од европски фондови.

Училиштата во населените места Добрашинци и Владевци ќе добијат игралишта:  повеќенаменско, опремено со реквизити за повеќе спортови ќе биде изградено во училишниот двор во Добрашинци, додека Училишниот двор во Владевци ќе биде збогатен со игралиште за кошарка.

Уште едно училиште ќе ја подобри својата инфраструктура. За поотребите на ООУ „Атанас Нивичански“ во Нова маала, постојниот Дом на културата ќе биде реконструиран и адаптиран во спортска сала, каде учениците во современи услови ќе ја изведуваат наставата по спорт и физичка култура.

Урбанизацијата и урбанистичките планови како основа на идниот развој на општината и во 2017 година ќе бидат во фокусот на активностите на локалната самоуправа.  Во моментот во фаза на изработка се урбанистички планови за пет населени места: Пиперево, Василево, Ангелци, Градашорци и Владевци. Продолжуваме со активностите од Владиниот проект „Купи куќа за млади“, каде општина Василево во рамки на Р.Македонија е во најнапредна фаза.  Работиме на обезбедување на 120 парцели за домување, кои ќе им ги понудиме на младите брачни парови за решавање на нивното станбено прашање.

Нема да изостане и урбанизацијата која е во функција на индустрискиот развој на општина Василево.   Изготвени ќе бидат  УП за нова индустриска зона меѓу Чанаклија и Нова Маала на вкупна површина од 12 ха односно 5 парцели од по два хектари со намена за фотоволтаични панели и една парцела од два хектари за изградба на винарска визба.

За разлика од 2016 година каде најголемите инвестиции беа во патната инфраструктура во оваа 2017 година фокусот ќе биде ставен на изградбата на системот за фекални канализации заради трајно и квалитетно решавање на проблемите со отпадните води од домаќинствата. Деновиве во фаза на подготовка е техничката документација за изградба на системи за фекална канализација за населените места Едрениково и Седларци.

Заради важноста на проблематиката,  ова прашање бара сериозен пристап но истовремено и огромни средства. Општина Василево ги ангажира сите свои капацитети во изнаоѓањето средства и ресурси за решавање на овој проблем. За таа намена во својот Буџет обезбеди  25 000 000 денари, наменети за решавање на овој проблем во населените места Василево и Градошорци.

Почитувани сограѓани!

Сите заедно, како и досега ќе ги реализираме зацртаните планови и програми и заедно ќе ја градиме општина Василево како наш заеднички дом.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail