Општина Василево ја намали цената за приклучок на канализациониот систем

kanalizacija 3

Советот на општина Василево на денешната седница донесе Одлука со која изврши намалување на цената  за приклучок на системот за канализација за физичките лица.  Новата цена изнесува 14 000 денари  наспроти досегашниот износ од 18 000 денари.

„ Очекуваме оваа одлука да ги даде очекуваните резултати а тоа е приклучување кон  системот за канализација на сите оние домаќинства за кои се створени услови за користење на оваа услуга, рече меѓу другото градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев,  во денешната изјава за медиумите.

„Една од причините поради која дојде до намалување на цената се последните пресметки направени од страна на службата во ЈПКД „Турија“, Василево. Со последниот тендер добиена е и пониска цена за материјалите што ЈПКД „Турија“ ги користи при поставувањето на приклучокот, кое нешто директно влијае на крајната цена.  Друг исто така битен момент кој ни дава за право да очекуваме зголемен интерес после ова намалување се и барањата за пониска цена што редовно ни беа упатувани од страна на граѓаните на сите наши досегашни средби“, прецизираше градоначалникот Јанев.

Упатувајќи апел до граѓаните за приклучување кон системот за канализација, онаму каде што  општината има створено услови, градоначалникот Јанев рече дека несфатливо е во услови кога општината односно Јавното комунално претпријатие нуди ваква услуга, има изградено систем за прифаќање на отпадните води од домаќинствата, истите да бараат алтернаривни решенија кои во најмала рака не се ниту еколошки ниту ефтини. Токму затоа општината и ЈПКД „Турија“ одлучија на граѓаните да им понудат многу пониска цена за конечно, барем таму каде што имаме створено услови, да го минимизираме проблемот со отпадните води од домаќинствата.

Во цената од 14 000 денари како и досега вклучена е монтажа на канализационен приклучок, односно ископ од главната линија и материјали.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail