Бурни дискусии на 12-та седница на Советот на општина Василево

naslov

Денешната, 12-та седница на Советот на општина Василево на која меѓу другото беа Кварталните извештаи за извршувањето на Буџетот на општина Василево за  периодот од 01.01.2018 година до 30.06.2018 година, помина во занкот на бурни дискусии, пред се околу реализацијата на Буџетот во споменатиот период.

Образложение за реализацијата на Буџетот даде градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев: „Кај консолидираниот Буџет (Буџетот на општина Василево заедно со Буџетите на единките корисници – ООУ „Гоце Делчев“ Василево, ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала и ЈОУДГ„Прва радост“, Василево) од 196 580 000 денари имаме реализација од 65 000 000 денари или во проценти   33,5%. Кај основниот Буџет од 112 000 000 денари имаме реализација од  22 800 000 денари или во проценти околу 20 %. Ова  е последица на тоа што периодот од 01.01. до 30.06 е на некој начин т.н „мртов период“, во кој локалната самоуправа распишува тендери за изработка на проектни документации, тендери за изведбени активности, избори на изведувачи, потпишување на договори и други подготвителни активности за кои се потребни неколку месеци. Исто така ова е и последица на враќањето на долговите направени во поранешниот период како и враќање на кредитите. Во февруари по основ на кредити вративме 2 800 000 денари.  Како општина мораме да балансираме меѓу тековните активности и враќањето на долговите што ги наследивме“, рече меѓу другото градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, во образложението дадено за досегашната реализација на општинскиот Буџет.

На ова реагираше советничката од Советничката група на ВМРО ДПМНЕ Сања Христова, која за реализацијата кај основниот буџет  рече дека е ниска, слаба и катастрофална, притоа како позитивна односно како што таа рече „прекрасна“ ја издвои реализацијата кај Блок дотациите, која изнесува 48,77 %, притоа потенцирајќи дека кај Блок дотациите средствата доаѓаат од Министерствата. Анализирајќи ја реализацијата на Буџетот во делот  К-2  (Доспеани ненамирени обврски), Советничката Христова, го запраша градоначалникот  и за средствата во износ од 1 212 000 денари,  кои се однесуваат за изведба на одводен канал во с. Градошорци, за што точно се потрошени, дали материјалите за каналот се веќе обезбедени и  дали е избран изведувачот.

Одговор доби од градоначалникот Јанев: „Како советник од опозициската партија најверојано не сте излегле на терен да видите дека атмосферскиот канал, во местото од каде што потекнувате, е веќе реализиран и тоа уште пролетта. Со средствата од 1 200 000 денари ги покриваме и материјалите за изградба и работната рака, ангажирајќи го Комуналното претпријатие „Турија“. На тој начин ги избегнавме набилданите цени на фирмите и работите ги сработивме навреме наспроти праксата на претходната власт секогаш да се интервенира отпосле, по поплавите откога штетата ќе биде направена.  „Претходните години се што е сработено е сработено без да се плати. Тоа е резултат на недомаќинско работење на претходната локална власт. И се би било прекрасно доколку трите  милиони денари што во месец февруари ги вративме по основ на кредит земен од претходниот градоначалник, би ги вложил во тековни проекти“, реплицираше градоначалникот Јанев.

На денешната седница советниците беа едногласни во врска со утврдувањето на приоритетни проекти  за чија реализациоја општината ќе бара средства од  Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, преку  мерките од Програмата за рурален развој. Станува збор за три проекти од патната инфрастриктура и тоа реконструкција  на улица во Василево од поштата до црквата, реконструкција на локален пат од Ново Владевци до Сушево и за изградба на дел од локален пат Чанаклија –Нова Маала.  Градоначалникот Јанев информираше и дека дополнително преку Југоисточниот плански регион ќе се аплицира  и за изградба на дел од патот Добрашинци – Брана Турија во должина од 1000 метри.

На седницата беше разгледан и усвоен Финансиски извештај на ЈПКД „Турија“, Василоево  за периодот од 01.01.2018 година до 30.06.2018 година.

Донесени беа и неколку одлуки за доделување на финансиска помош на физички лица.

DSC_0352_1024x681

DSC_0353_1024x681

DSC_0355_1024x681

DSC_0357_1024x681

DSC_0361_1024x681

DSC_0364_1024x681

DSC_0366_1024x681

DSC_0372_1024x681

DSC_0379_1024x681

DSC_0381_1024x681

DSC_0387_1024x681

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail