ОТЧЕТ на градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев за периодот 2017 – 2019

FVG_3936_1-horz

Почитувани сограѓани!

Зад нас се две години откако Вие ми ја дадовте довербата да  раководам и управувам  со општина Василево; две години во кои како прв човек на општината, секојдневно со целиот мој капацитет, заедно со мојот тим,  заедно со целата општинска администрација, секојдневно работам на реализација на проектите  кои значат подобар живот за сите нас,  на кои општина Василево ни е заеднички дом.

Овде сум за да дадам отчет за сработеното во двете изминати години;   јавно,  пред сите,  Вас онака како што ја барав Вашата доверба.

Во сите области во кои како локална самоуправа имаме надлежности интервениравме и реализиравме проекти  кои заедно со Вас ги утврдивме како приоритни.

Сепак најмногу бевме ангажирани во сферата на локалната патна инфраструктура.

Конкретно, во населеното место Василево асфалтиравме една  улица во должина од 105 метри и  ја реконструиравме улицата од поштата до повеќенаменското игралиште во должина од 300 метри, која е со атмосферска канализациона мрежа, пешачки патеки од двете страни на улицата и ново улично осветлување. Средствата за оваа улица се грант обезбеден од ИПА предпристапните фондови.  Тековно работиме на реконструкција на улицата од пошта до црква, во должина од 216 метри, за која средствата во висина од околу 4 000 000 ден. се обезбедени од АФПЗРР. До крајот на оваа календарска година во ова населено место ќе асфалтираме уште три улици.

Во населеното место Ангелци асфалтиравме една улица во должина од 150 метри,  во населеното место Градашорци асфалтиравме четири улици и тоа во должина од 120, 150, 180 и 200 метри. Во ова населено место изградивме и тротоар во должина од 425 метри. со сопствени средства. Во населеното  место Седларци асфалтиравме две улици со должина од околу 80 метри  и 170 метри, исто така  со сопствени средства.

Во населеното место Висока Маала  асфалтиравме три помали улици во вкупна должина од околу 120 метри, а до крајот на оваа календарска година ќе асфалтираме уште 150 метри локални улици. Асфалтиравме и во населеното место Пиперево и тоа 4 улици во должина од 650 метри за кои исто така средствата се обезбедени од општинскиот Буџет. Во населеното место Сушево изградивме две улици во должина од 75 и 140 метри, за кои исто така средствата се обезбедени од нашиот Буџет.  До крајот на годината овде ќе асфалтираме уште една улица во должина од 150м. како и  реконструкцијата и ревитализацијата на локалниот пат Ново Владевци – Сушево, клучка со магистралниот пат А4 Струмица – Скопје, па се до центарот на с. Сушево, во должина од 1878 м, за кој средствата ги обезбедивме од АФПЗРР.

Асфалтиравме и во населеното место Нова Маала и тоа улица во должина од 290 метри за која од сопствениот Буџет издвоивме околу 1 100 000 денари, а во фаза на изградба е улицата која води кон резервоарот, долга 181 метар,  за која дел од средствата се обезбедени од Светска банка а дел сопствени средства.

Исто така во тек е изградбата и на последниот дел  локалниот  пат Чанаклија – Нова Маала, во должина од  1700 м. за кој средствата во висина од околу 12 000 000 денари се обезбедени од АФПЗРР

 Во населеното место Добрашинци во завршна фаза на изградба е улица  во должина од 420 метри, а тековно работиме и на изградба на уште една улица долга 240 метри. До крајот на оваа календарска година треба да завршат и активностите на  Реконструкција на патот од крстосница со с. Добрашинци до Брана Турија, долг 1км. кој го градиме во партнерство со ЦРЈИПР и средства од АФПЗРР. Во партнерство со ЈИПР, преку БРР  деновиве обезбедивме  и  дополнителни 4,9 милиони денари со кои во индустриската зона  ќе изградиме улица во должина од околу 230 метри.

 Во текот на минатата година со средства од општинскиот Буџет, извршивме и санација на локалниот пат Ново Владевци – Старо Владевци.

На тоа треба да се додат и реконструкциите направени од страна на Владини институции. На наша иницијатива и барање  ЈП за државни патишта изврши реконструкција на  патот Василево – Струмица во делот од Василево до  Добрејци, регионалниот пат  Градашорци – Вељуса (800 м.) како и дел од регионалниот пат во с. Владевци во должина од околу 500 м.

Кога сме кај локалната патна инфраструктура сакам да ве информирам  дека како локална самоуправа интервениравме и инвестиравме и во  полските патишта олеснувајќи им го пристапот на земјоделците до нивните ниви. Во 2018 година во населените места Василево, Висока Маала и Нова Маала во соработка со Јавното комунално претпријатие „Турија“ од Василево   уредивме околу 2 км земјени патишта. За оваа активност општина Василево издвои околу 80 000 денари од сопствениот Буџет. Оваа година слична активност но овојпат во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопавство реализиравме во населените места Пиперево, Василево, Градашорци и Радичево. Во овие населени места вкупно беа уредени околу 2,5 км селски земјени патишта.

Во сферата на комуналните дејности во кои спаѓа   водоснабдувањето, третманот и одведувањето на отпадни води, јавното осветлување,  јавната чистота, собирањето,  транспортот и постапувањето   со комуналниот отпад  и заштитата на животната средина реализиравме повеќе проекти со кои позитивно влијаеме врз целокупното животно опкружување:

- Во соработка со ЈПКД  „Турија“, Василево  извршивме комплетен ремонт и чистење на филтер станиците за вода Ташли Баир и Добрашинци, решавајќи го долгогодишниот проблем со квалитетот на водата за пиење на населението кое   со вода за пиење се снабдува токму од овие  водоснабдителни  системи. Буџетот за оваа активност изнесуваше околу 700 000 денари и истите ги обезбедивме од сопствени извори. Извршивме ремонт и на водоводната линија во с. Дукатино а нова водоводна линија  во должина од 1000 метри изградивме во новата индустриска зона КО Градашорци која се простира од десната страна на локалниот пат што од М-6 води кон Добрашинци во м.в Гладно поле.

Во населеното место Пиперево изградивме нов крак на системот за фекална канализација во должина од 380 метри, за што од општинската каса издвоивме 350 000 денари.

Со инвестиција од 1 200 000 денари изградивме нов крак на  атмосферска канализација во Градашорци во должина од 200 метри на потегот покрај објектите на АД Струмичко поле, решавајќи деценски проблем со поплавувањето на домовите и нивите во Градашорци. Атмосферска канализација изградивме и во турското маало во Василево како и  во турското маало во Нова Маала, а во населеното место Сушево изградивме одводен канал во должина од 40-тина метри, за кој средствата во висина од 90 000 денари ги обезбедивме од сопствениот Буџет.

Во населеното место Едрениково комплетно го решивме проблемот со собирање и третман  на отпадните води: Во партнерство со УНДП и ЦРЈИПР и средства од Швајцарската агенција за развој и соработка изградивме систем за фекална канализација и прочистителна станица со покриеност за целото населено место.

Од ЕУ фондовите преку УНДП набавивме 94 големи контејнери за смет, инвестиција која вреди околу 26 000 евра. Во тек сме и на постапка за набавка на уште еден камион за собирање и транспорт на отпад со што ќе го зголемиме капацитетот на Јавното комунално претпријатие и ќе створиме можности,  со услугата собирање на смет да ги покриеме сите домаќинства од општина Василево.

Во партнерство со општините Босилово и Ново Село во рамки на ИПА Програмата  набавивме и специјално возило – универзален ровокопач- машина вредна околу 60 000 евра, чија намена е повеќекратна.

Во фаза на имплементација сме на уште еден  мошне значаен  проект чиј бенефет допрва ќе го почувствуваат граѓаните на нашата општина:  Станува збор за  Реконструкција и одржување на улично осветлување на територијата на целата општина. Овој проект кој ќе се реализира преку ЈПП по ЕСКО модел  ќе се направи замена на сите улични светилки со лед,  еколошки, штедливи. Проценетата вредност на овој проект изнесува 28 500 000 денари и истите ќе бидат обезбедени од страна на партнерот инвеститор.

Инвестиравме и во областите спорт,  образовани и  култура, детска и социјална заштита кое несомнено имаат големо значење врз она што значи социјализација на личноста и  нормално функционирање во средината.

Деновиве завршивме со реконструкцијата на Домот на културата во Нова Маала и негова адаптација во спортска сала која првенствено ќе ја користат учениците од ООУ „Атанас Нивичански“ за  изведување на наставата по спорт и физичко образование но и сите останати жители не само на Нова Маала туку и на целиот овој Подогражденски регион за спорт и  рекреација. Проектот се реализираше во две фази. Буџетот за првата фаза во износ од 2,5 милиони денари е обезбеден од општинската каса, а за втората фаза  средствата изнесуваат околу 1 700 000 денари и се  обезбедени од БРР преку Програмата за рамномерен регионален развој,  Проекти за развој на подрачја со специфични развојни потреби.

Ги реконструиравме оградите на училишните дворови во Нова Мала и Висока Маала, извршувме варосување на ООУ „Гоце Делчев“, Василево, пред кое заради зголемување на безбедноста на учениците изградивме и автобуска постојка. Во соработка со УНДП во тек е и изработка на техничка документација за целосна реконструкција на ова училиште. Се подготвува и техничка документација за уредување на дворот на ООУ „Гоце Делчев“, Василево и подрачното училиште во Ангелци.

За приближување на услугите од областа на социјалната заштита во тек е постапка на отварање на подрачна канцеларија на МТСП  во нашата општина. Во соработка со ова Министерство во тек е и проектот за добивање грант за ангажирање на асистенти за грижа на стари лица. Во тек е и  финализација на активностите околу одобрувањето  на средства за изградба на детска градинка во населеното место Ангелци, преку МТСП и Светска банка.  Реализацијата на овој проект, односно изградба на детска градинка,  ќе започне во март наредната година.

Во насока на подобрување на условите за спорт инвестиравме и во големото фудбалско игралиште во Василево, каде освен редовното одржување на теренот  оваа година со средства од Буџетот на општина Василево ги реконструиравме трибините. Како општина се јавуваме како главен покровител или организатор на спортските турнири и манифестации кои се одржуваат во речиси сите населени места.

Како основа за планскиот развој на населените места, општина Василево во изминатите две години инвестираше и во изработка на урбанистичко планска документација:

Во соработка со Министерството за животна средина изработена е техничка документација за систем за фекална канализација за индустриската зона Градашорци;

Во соработка со МТВ се изработува техничка документација  за три улици во Василево. Изработена  е и техничка документација за улицата во Добрашинци од 420 метри која е во тек на изградба и улицата во Василево од пошта до црква која исто така е во тек на изградба. Основни проекти за улица во Пиперево од влез до центар, улица во Чанаклија исто така од влезот на населеното место до центарот,   реконструкција на локален пат од крстосница Добрашинци до центар на Добрашинци, реконструкција на локален пат од центар на Добрашинци до центар во Нова Маала, улица во Сушево, улица во Нова Маала која води кон гробиштата, како и техничка документација за мост на река Водочница, техничка документација за отворениот канал во Градшорци, за повеќенаменско игралиште во Висока Маала, за оградување и уредување на училишните дворови во Ангелци и Василево, како и за реконструкција на ООУ„Гоце Делчев“ Василево која се работи со финансиска поддршка на УНДП.

Успеавме да обезбедиме средства од страна на МТВ за изработка на ДУП за село Василевокој започна да се изработува од летото оваа година. Исто така во тек е и изработка на ДУП за село Пиперевокој започна да се работи во 2018 година. Во завршна фаза е и изработката на детални  урбанистилки планови за населените места Градшорци, Ангелци и Владевци.

Но ние не застануваме овде. Нашите активности и проекти како и бенефитот  од нив не се на дневна основа, најчесто тоа се активности  чие времетраење од идеа до реализација е прилично долг. Знаејќи дека секогаш можеме повеќе и подобро, заедно како и досега ќе продолжиме по патот на развојот, преку  реализација на нови проекти кои ќе гарантираат  подобрување на целокупниот амбиент во кој се одвива животот на сите нас, граѓаните на општина Василево.

Ваш градоначалник,

Марјан Јанев

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail