Поставени две агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина

Vasilevo_455x960-horz_1280x653

Деновиве во населените места Ангелци (м.в Крушите) и Пиперево (м.в Бакравица), поставени се по една Агрометеоролошка станица чија намена е прибирање на информации за временските услови, односно локална временска прогноза со цел врз основа на овие информации земјоделците навреме  да ги преземат  потребните мерки за заштита на земјоделските култури.  Преку овие агрометеоролошки станици се добиваат информации за температурата на воздухот, релативната влажност на воздухот, количеството на врнежи, атмосферскиот притисок, брзината и правецот на ветрот, облачност, магла (видливост), точка на роса и услови  за невреме, а од крајот на овој месец и податоци за појава на можни болести на растенијата. Опсегот на мерењата на станиците е 30 ха, а податоците се однесуваат за отворени простори што  значи не се однесуваат за површините под пластеници. Податоците се достапни за сите и истите се бесплатни. Имено секој кој поседува смарт телефон (Android  или iOS), таблет или компјутер со пристап до интернет може да ги користи податоците од агрометеоролошките станици. Се што треба да се направи е  од  google  да се преземе  мобилната  апликација Meteobot. По инсталирањето на  апликацијата корисникот добива код со кој уепешно се логира на сопствен Meteobot  профил преку кој може да ги следи сите достапни податоци.

Со мобилната апликација  Meteobot секој корисник добива локална временска прогноза за областа за која е поставена станицата. Оваа прогноза вклучува: температура на воздухот, релативна влажност на воздухот, количество на врнежи, атмосферски притисок, брзина и правец на ветер, облачност, магла (видливост), точка на роса и услови за невреме.

Заинтересираните граѓани дополнително може да се информираат на веб страната: https://www.agrojug.mk/#mobilna-aplikacija, на  facebook страницата на Meteobot, https://www.facebook.com/meteobot.mk   како и  на телефонскиот број 071/874-769, кај лицето за соработка од општина Василево.

Овие две агрометеоролошки станици во општина Василево поставени се во рамки на Проектот Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина, спроведен од страна на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион во партнерство со десетте општини од ЈИПР. Во рамки на проектот,  во сите десет општини поставени се вкупно 23 станици. Вредноста на целиот проект изнесува 5 100 000 денари и истите се обезбедени од Министерството за локална самоуправа на РСМ и  Швајцарската агенција за развој и соработка.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail