Во училиштата во општина Василево стартуваше учебната 2020/2021 година

G-horz

„Во специфични услови предизвикани од Корона вирусот, со почитување на насоките и протоколите од надлежните институции за заштита од  Ковид 19, денес, во училиштата во општина Василево стартуваше новата учебна година“, информираат  директорите на двете основни општински училишта, Стојан Тимов од ООУ “Гоце Делчев“, Василево  и Соња Ничева директорка на ООУ „Атанас Нивичански“, Нова Маала.

За прв пат во училишните клупи седна 74 првачиња во ООУ „Гоце Делчев“ и 40 во ООУ „Атанас Нивичански“. Заедно со нив, поделени во две или три смени настава со физичко присиство ќе посетуваат и нивните другарчиња од  второ и трето одделение како и учениците од четврто и пето одделение во подрачните училишта во населените места Добрашинци, Чанаклија, Дукатино, Радичево, Владевци, Сушево, Едрениково и  Седларци. Сите останати ученици наставата ќе ја следат on-line, преку националната платформа.

Според информациите од првите луѓе на училиштата, денешниот прв час, за кој велат дека е поинаков од сите досегашни, поминал со одредени потешкотии, главно од технички причини, на чие надминување интензивно се работи.

За 110-те првачиња кои денес за прв пат седнаа во училишните клупи, градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев верен на долгогодишната традиција,  им подари училишен прибор со единствена порака и желба до сите нив, да бидат живи и здрави, да учат, да се дружат но и задолжително да ги почитуваат здравствените препораки.

Вкупниот број на ученици во учебната 2020/2021, на ниво на општина Василево изнесува околу 1060 од кои околу 700 во ООУ „Гоце Делчев“, Василево и  околу 360 во ООУ„Атанас Нивичански“, Нова Маала.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail