Општина Василево потпиша Договор за помош на стари лица во нивните домови

3

Денес, во Министерството за труд и социјална политика, градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев,  заедно со градоначалникот на општина Ново Село Никола Андонов,  секретарот во црвениот крст на Струмица Мирјана Тошева и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска шпотпишаа Договор за реализација на Проектот:  Помош и нега во домот за стари лица – проект во чии рамки старите и изнемоштени лица од двете општини ќе добиваат нега и помош во сопствените домови.

Градоначалникот на општина Василево, Марјан Јанев по тој повод изјави дека ова е сериозен исчекор во практично решавање на дел од проблемите на повозрасната категорија граѓани од општината: „ Мојот став  е дека со овој проект правиме  сериозен исчекор во практично решавање на дел од проблемите на  нашите возрасни сограѓани. Самиот наслов на Проектот,  Помош и нега на стари лица во домот, допира во сржта на еден од поодамна  идентификуван проблем, кој очигледно ги надминува границите на домот и семејството и бара институционална поддршка. Зголемениот број на стари и знемоштени лица кои од низа причини живеат сами, отсуството на установи за социјална заштита  како што се старечки домови и дневни центри, тешкиот пристап до формални и неформални услуги, односно набавката на храна и лекови, потребата од плаќање на сметки, само ја комплетираат сликата за секојдневието на овие наши сограѓани. Беше и сеуште е предизвик како институција да понудиме решение и да обезбедиме помош во надминување на констатираните состојби. Сигурен сум дека резултати ќе има. Помошта во вид на услуги,  граѓаните на кои им е неопходна,  ќе ја имаат во својот дом, што значи  ќе им овозможиме  без  да се откажат од сигурноста на својот дом, да продолжат да водат независен живот во заедницата“, изјави градоначалникот Јанев кој потенцираше дека денешниот Договор е потврда дека со заедничка соработка на повеќе институции од различни нивоа на власт и надлежности, решение може да се понуди за секоја ситуација и да се реши секој проблем.

Општина Василево е една од првите седум општини кои денес го потпишаа Договорот за имплементација на овој Проект кој ќе биде спроведен во вкупно 24 општини во државата.

4

2

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedinmail