Одлука

Врз основа на член 57 став 4, член 61 став 1, а во врска со член 14 став 3 од законот за локална самоуправа (“Службен весник на РМ“ бр. 5/2005) и член 12 став 2 од Статутот на Општина Василево (“Службен гласник на општина Василево“ бр. 4/03), Советот на Општина Василево на седницата одржана на 26.09.2005 година донесе:

О Д Л У К А
за основање заеднички административни тела

Член 1

Заради извршување на одделни надлежности утврдени во член 22 од Законот за локалната самоуправа, други закони и прописи, општините: Босилово со седиште во с. Босилово, Василево со седиште во с. Василево и Ново село со седиште во с. Ново Село основаат заеднички административни тела.

Член 2

Заедничките административни тела се основаат за вршење на работите од надлежноста на инспекцискиот надзор (без комуналниот надзор и заштитата на животната средина), просторно-урбанистичко планирање, градењето, како и утврдувањето и наплатата на даноци, такси и други надоместоци и администрирање на приходите.

Член 3

За вршење на работите од надлежностите утврдени во член 2 од оваа одлука, општините Босилово, Василево и Ново Село можат да образуваат одделенија како организациони облици

Член 4

Надлежностите од член 2 од оваа одлука ќе ѓи извршуваат административни тела организирани во одделенија по следниот распоред:

1. Во административниот простор на Општина Василево ќе биде сместено и организирано Одделението за инспекциски работи – Инспекторатот, кое ќе врши инспекциски надзор на подрачјата на општините Босилово, Василево и Ново Село во следните области: просторно-урбанистичко планирање и градење, надзор во областа на патниот сообраќај и патиштата, надзор над утврдувањето и наплатата на даноците на имот, туристичко-угостителската дејност, основното и средното образование и спортот, како и друг надзор од надлежностите на општината.

2. Во секоја општина во рамките на општинската администрација, одделно ќе функционира инспекција за комунални дејности и заштитата на животната средина, согласно Законот за комунални дејности, Законот за животна средина, законот за заштита на природата и други прописи.

3. Во административниот простор на општина Василево ќе биде сместено и организирано Одделението за утврдување и наплата на даноци, такси и други надоместоци кое ке врши дејност на подрачјето на општините Василево, Босилово и Ново Село. Ова одделение ќе ги врши работите кои се однесуваат на утврдувањето и наплатата на даноците, таксите и надоместоците како и примената на институтите утврдени од Законот (данок на имот, данок на наследство и подарок, данок на промет на недвижности, утврдување и наплата на даноците, регистер на недвижен имот и регистер на подвижен имот, извршување, постапка и начин на обезбедување и наплаќање на даночен долг, односно даночна обврска, жалбена постапка , присилна наплата, јавна продажба и слично) утврдени во Законот за данок на имот и други прописи.

4. Во административниот простор на општина Ново Село ќе биде сместено и организирано Одделението за просторно – урбанистичко планирање, градење и заштита на животната средина,кои ќе врши дејност на подрачјата на општините Василево, Босилово и Ново Село. Ова одделение ќе се грижи за уредување на условите и начинот на системот на урбанистичкото планирање, видот и содржината на плановите, спроведувањето и следењето на реализацијата на плановите, посебно на урбанистичките планови за село и урб. планови вон населени места. Освен ова, во рамките на одделението ќе се спроведува постапката за донесување на решенија за локациски услови, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, како и издавање на одобрание за градба од трета, четврта и петта категорија, согласно Законот за градење и други работи предвидени во споменатите закони.

Член 5

Начинот, видот, условите и обемот на извршување на работите, користењето на објектите и опремата, финансирањето, начинот на укинување и контрола на заедничките административни тела, согласно член 61 став 2 од Законот за локалната самоуправа со писмен договор го уредуваат градоначалниците на Општина Босилово, Василево и Ново Село.

Член 6

Со денот на започнувањето на примената на оваа Одлука престануваат за важат одредбите од Одлуката за организацијата, делокругот и начинот на извршување на задачите на општинската администрација на Општина Василево, бр. 07-277/1 од 20.05.2004 год. а кои се преклопуваат со надлежностите утврдени во член 4 од оваа Одлука.

Член 7

Оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето откако ќе биде донесена со мнозинство на гласови од вкупниот број членови на секој од Советите на Општините Босилово, Василево и Ново Село

Совет на општина Василево
Претседател,
Александар Василев