Tuesday, 19 March 2024

Надлежности

Надлежности на градоначалник на општината

Член 37
Градоначалникот ја претставува и застапува општината.
Градоначалникот се избира на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласење во согласност со закон за период од 4 (четири) години.
Градоначалникот својата функција ја извршува професионално.

Член 38
Градоначалникот во рамките на своите надлежности:
– иницира и предлага донесување на прописи од надлежност на Советот на општината;
– го обезбедува извршувањето на работите кои му се делегирани од органот на државната управа;
– го предлага годишниот Буџет и годишната сметка на Буџетот на општината;
– го извршува Буџетот  на општината;
– решава во управни работи за права, обврски и интереси на правни и физички лица во согласност со законот;
– раководи со општинската администрација;
– донесува правилник за систематизација на работните места на општинската администрација;
– одлучува за вработувањето, правата, должностите и одговорностите на вработените во општинската администрација, доколку поинаку не е определено со закон;
– врши и други работи утврдени со закон и со овој Статут.
Градоначалникот има право да присуствува и учествува во работата на седниците на Советот.

Член 39
Градоначалникот ги објавува прописите на Советот во Службен гласник на општината.
Градоначалникот го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот.

Член 40
Градоначалникот е должен во рок од 7 (седум) дена од денот на донесувањето на прописот на Советот со решение да го запре неговото објавување доколку смета дека е во несогласност со Уставот и законите.
Примерок од образложеното решение за необјавување се доставува до претседателот на Советот на општината.
Советот е должен во рок од 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето на решението да го разгледа и да одлучи по него.
Ако Советот го потврди прописот или не расправа во рокот од ставот 3 од овој член, Градоначалникот е должен да го објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставност и законитост на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.
За иницијативата Градоначалникот е должен да го извести Министерството надлежно за вршење на работите што се однесуваат на локалната самоуправа.

Член 41
Градоначалникот е должен да поднесе извештај за извршување на одлуките донесени од страна на Советот на секои 3 (три) месеци во текот на годината.
За извршување на своите надлежности Градоначалникот го информира Советот по потреба, а најмалку 2 (два) пати во годината.

Член 42
Градоначалникот управува со сопственоста на општината како добар домаќин.
Во управувањето со сопственоста на општината Градоначалникот е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на сопственоста во согласност со законот.

Член 43
За време на спреченост или отсуство до шест месеци Градоначалникот го заменува член на Советот на општината кој го назначува Градоначалникот.
Во рок од 30 (триесет) дена од денот на преземањето на функцијата Градоначалникот е должен со решение да го определи членот на Советот кој би го заменувал.
Решението од став 2 на овој член се објавува во Службен гласник на општината.
За денот на настапувањето на спреченоста или отсуството Градоначалникот го информира претседателот на Советот.
На членот на Советот му мирува функцијата член на Советот за време кога го заменува Градоначалникот.

 

Статут – за изменување и дополнување на Статутот на општина Василево (Службен гласник на Општина  Василево број 8 година Џ)

Член 73-д, став 4 кој гласи:
Листата на информации од јавен карактер за органите на општината ја предлага Градоначалникот, а ја утврдува Советот

 

Член 73-ѓ, став 2 кој гласи:
Градоначалникот на општината создава услови и презема мерки пропишани со закон за остварување на правото на слободен пристап до информациите од јавен  карактер со кои располагаат Советот на општината и администрацијата