Синоќа во Василево, во мотелот Мис Стон граѓаните на општина Василево ја одржаа трета форумска сесија од Буџетскиот форум, на која беа презентирани расходите на дел од Предлог-програмите на општина Василево за 2016 година и ставот на општината во врска со предлозите за зголемување на општинските приходи во наредната година.
„ Вечерва, овде во просториите на Мис Стон во Василево, ја одржуваме третата форумска сесија благодарение на соработката со Швајцарската агенција за обнова и развој и единицата за координација на форумите“, изјави градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов кој во образложението дадено околу содржината на сесијата нагласи дека ќе има неколку презентации од кои едната е приходите на општина Василево, односно предлозите на граѓаните од претходнта сесија за тоа како општинската каса да се полни. „Втората точка на разгледување се расходите на општина Василево за кои исто така ќе имаме и наша презентација за тоа каде се трошат парите на граѓаните и последната ќе биде презентација на три програми односно тоа се програмите за локален економски развој, програмата за спорт и рекреација и една од поголемите програми, Програмата за изградба на улици и патишта. Можам да кажам дека овие три се едни од најголемите и најзначајните програми во работата на општинската администрација“ нагласи Стојанов притоа потенцирајќи дека само Буџетот на Програмата за изградба на патишта и улици е околу 50 000 000 денари што е речиси една четвртин аод вкупниот Буџет на општината за наредната година.
Во текот на сесијата по презентацијата и дискусиите, граѓаните ги дадоа своите предлози за нови проекти, вкупно 29, со кои би биле изменети програмите за спорт, рекреација и манифестации, за локален економски развој и за изградба на улици и патишта.
Ставот на градоначалникот за тоа кои предлози ќе бидат прифатени односно каде презентираните програми ќе претрпат измени, граѓаните ќе слушнат на наредната форумска сесија која ќе се одржи последниот ден од месец ноември.





