Многубројни гости од државата и странство, меѓу кои министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Р.Македонија, г-дин Михаил Цветков, постојаниот координатор на Обединетите Нации и преставник на УНДП во Република Македонија, г-ѓа Луиза Винтон, пратеници, градоначалници, пријатели на општина Василево, беа гости во Градошорци и уживаа во содржините и вкусовите на годинешната манифестација Ден на празот, што во организација на општина Василево се одржа по осми пат.
„Ваквите манифестации на кои искажуваме почит кон трудот на земјоделецот и храната која ја произведува, се вистински празник на нашите традиционални вредности и национална култура. Ваквите манифестации треба да претставуваат поттик и инспирација за следните чекори во подобрување на маркетингот со земјоделските производи. Досегашните постигнати резултати пред се преку одржување на оваа манифестација која овозможи надалеку да се слушне за производството на висококвалитетен праз во Градошорци и општина Василево во следниот период треба да бидат наградени“,рече министерот Цветков во своето обраќање пред присутните граѓани. Присутните ги поздрави и градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов: „ Градошорци, Градошорскиот праз и Празијадата веќе се бренд со кој општина Василево се идентификува. Пред осум години, намерата беше да се промовираат квалитетите на градошорскиот праз, неговата ровкост, неговите нутритивни вредности, да се поканат откупувачите и преработувачите на праз на вистинското место, и истовремено да се промовира и афирмира општина Василево. Да добие свој знак на препознатиливост, нешто по што ќе се разликува од останатите и нешто со што ќе се идентификува. Ова што денес го имаме, а имаме манифестација позната не само во државата туку и надвор од неа, е резултат на континуираното работење и развивање на оваа идеја“, рече градоначалникот Стојанов.
Освен во културно забавната програма, присутните можеа да уживаат и во специјалитетите од праз, кои традиционално, секоја година, специјално за оваа манифестација ги подготвуваат локалните домаќинки.
Во Градошорци по осми пат се одржа манифестацијата Ден на празот
