Општина Василево денес асфалтираше во населеното место Нова Маала. Улицата е долга 181 метар, широка околу 3,5 метри и истата води кон резервоарот, односно џамијата. Од двете страни на улицата ќе бидат поставени риголи за одведување на атмосферските води.
„Градежните активности во делот на локалната патна инфраструктура продолжуваат во континуитет и во текот на оваа календарска година. На терен работите се одвиваат според планот, односно тековно се работи на реализација на проектите кои се почнати и планирани“, изјави градоначалникот на општина Василево Марјан Јанев, кој денес беше во населеното место Нова Маала, каде изврши увид во активностите на терен.
Вкупниот буџет за изградба на улицата изнесува околу 1 980 000 денари од кои 1 000 000 се обезбедени како грант од Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), а остатокот во износ од околу 980 000 ден. се средства од општинската каса.
Изведувач на работите на терен е градежната компанија Дикор.





