„Горд сум што во мојот мандат се асфалтира улицата во Пиперево што води до болницата и училиштето“, стои во ФБ објавата на градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, https://www.facebook.com/vasilevo24, со која ја споделува информацијата за последните градежни активности реализирани од страна на општина Василево во населеното место Пиперево, каде што е направена целосна реконструкција на улицата што води од гробиштата кон амбулантата. Податоците од техничката документација се дека должината на оваа улица изнесува 420 метри, ширината е околу 4,5 метри односно 1930 м2 нов асфалтен слој. Според Договорот со изведувачот, планираните средства за реализација се 5 009 396 денари од кои 3 423 278 се обезбедени од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој преку Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година и 1 586 118 денари обезбедени од сопствените извори на приходи на општината, како сопствено учество во вкупната инвестиција.
Проектот е реализиран во партнерство со Центарот за развој на ЈИПР, за што во средината на месец јули градоначалникот потпиша договор со директорот на ЦРЈИПР Ѓоко Камчев.
Андонов најави реализација и на други активности во населеното место Пиперево: „Во Пиперево следува голема градежна офанзива, изградба на последните краци од фекална канализација а во исто време ќе започнат и активностите за асфалтирање на главната улица. Го исполнив ветувањето од мојата програма. Граѓаните на Пиперево ја очекуваа оваа улица, повеќе години. Постојат политичари кои си стојат на зборот и го реализираат ветенот“, стои во ФБ објавата на Градоначалникот.



