Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, најави реализација на 10 проекти од кои пет со средства обезбедени од унгарскиот кредит во рамки на Јавниот повик преку Министерството за локална самоуправа и уште пет со средства обезбедени од други извори.
„НЕКА СЕ АИРЛИЈА – 10 НОВИ ПРОЕКТИ“, стои во ФБ објавата на градоначалникот Андонов. Во просториите на Министерството за локална самоуправа поднесовме 5 проекти за финансирање со поддршка на Владата на Република Македонија во рамките на Јавниот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа. 5 нови проекти со целокупната потребна документација за нивна реализација се:
-Изградба на отворен канал во Дукатино;
-Изградба на фекална канализација во Радичево;
-Реконструкција и ревитализација на улица од влез до центар на Пиперево;
-Реконструкција на улица во Нова Маала кон гробишта;
-Изградба на последен крак од фекална канализација во Пиперево“.
Во продолжение градоначалникот информира и за останатите проекти за кои општината има доставено комплетна документација. „Дополнително до Министерството за транспорт и врски поднесовме 2 (два) проекти , 1 (еден) до Министерството за локална самоуправа и 2 ( два ) проекти преку ЈИПР до Министерството за локална самоуправа и тоа:
-Изградба на отворен канал во Владевци;
-Уредување на школски двор во ООУ ,,Гоце Делчев” во Ангелци;
-Изградба на нова фаза на фекална канализација во Василево К26;
-Изградба на улица кон црквата Успение на пресвета Богородица во Владевци и
-Изградба на улица кон болницата во Пиперево“.
На аплицирањето на овие проекти му претходеше период на подготовка на целокупната потребна документација, како општина Василево подготвено би одговорила на Владиниот јавен повик, за што градоначалникот Андонов изразува благодарност до премиерот Христијан Мицкоски. „Изминатиот период работевме посветено се со цел да ја подготвиме целокупната документација за реализација на овие проекти и да бидеме подготвени за Јавниот повик од Владата. Изразувам благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски за реализацијата на овој проект со кој општините низ цела Македонија бележат историски развој. Граѓаните заслужуваат модерна и инфраструктурно развиена општина Василево. Изминатите 3 години на дело покажавме како се работи и како се реализираат дела“, нагласува градоначалникот Андонов.





