Градоначалникот Андонов на средба со жителите во Радичево

Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, синоќа во Радичево, оствари средба со граѓаните на која е разговарано за приоритетите за наредната 2026 година. Средбата е во рамки на процесот за планирање на Буџетот на општина Василево за 2026 година.
Подобрување на уличното осветлување, завршување на системот за фекална канализација кој тековно се гради  и асфалтирање на неасфалтираните улици, се приоритетните прашања кои според жителите на Радичево треба да се реализираат догодина.
„Заедно со жителите на Радичево ги креираме приоритетите. Бевме во Радичево, каде отворено разговаравме со жителите и ги слушнавме нивните предлози, приоритети и потреби. Секој глас и секое барање е важен дел од процесот на креирање на буџетот. Нашиот пристап е јасен – меѓу луѓето, на терен, со реални и остварливи решенија. Така градиме транспарентна, одговорна и блиска локална самоуправа. Буџетот го правиме заедно, а со тоа ја градиме и нашата заедничка иднина. Продолжуваме посветено“, порача преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов, по средбата со жителите на Радичево.

 

Facebooktwitterredditpinterestlinkedinmail