Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, на покана на Здружението „Македонски корени“ од Понтенуре, Р.Италија, присуствуваше на манифестацијата „Македонски ден“, организирана во знак на пријателство меѓу збратимените општина Василево и Понтенуре. Манифестацијата се организира за прв пат и нејзината цел е заедничко претставување на традицијата, културата и фолклорот на двете општини, како мостови на пријателство и соработка.
Деталите за манифестацијата, како и целосното обраќање, преку својот ФБ профил, ги сподели градоначалникот Андонов, кој на почетокот од обраќањето им изрази благодарност за нивното присуство и поддршка на Заменик градоначалничката на општина Понтенуре и Претседателот на Советот на општина Пјаченца.
„Срдечни средби и радост што сме меѓу своите. Историски ден за Македонците во Италија и општина Понтенуре. Македонците треба да се горди, за првпат добија своја културна манифестација ,,Македонски ден”,во организација на Здружението ,,Македонски корени ” и иницијаторите Антонио Петров и Лефтер Коцев, која се надевам ќе прерасне во традиција.
Македонската песна и македонската музика е таа која ја одржува врската помеѓу нашиот народ во дијаспората и родниот крај. Посебно сум горд што на оваа прекрасна манифестација настапија КУД ,,Сушевски Бисери”, нашиот најголем репрезент во Македонија но и пошироко! Нека овие средби бидат причина да ги обновиме пријателствата и дружбите помеѓу македонците овде и македонците ширум светот“, напиша градоначалникот Славе Андонов, кој во своето обраќање упати и посебна порака до Македонците во Италија, на кои им порача, да бидат единствени, сложни, да се почитуваат и да си помагаат едни со други“.
Општина Понтенуре е мала општина со многу сличности со општина Василево и со околу 6.500 жители од кои голем дел се граѓани со потекло од општина Василево. Се наоѓа во провинцијата Пјаченца во италијанскиот регион Емилија-Ромања на околу 140 километри северозападно од Болоња.
Двете општини актот за збратимување го потпишаа на свечена церемонија на 14.05.2023 година.





