Со садење дрвца во општинскиот двор, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов и вработените во општината симболично го одбележаа денот на пролетта.
„Со овој чин на садење дрвца во дворот, сакам да упатам порака дека секој од нас и со само едно засадено дрвце, може да даде придонес во одржувањето на животната средина и да оддаде благодарност за благодетите што ги уживаме од мајката природа“ , изјави градоначалникот Андонов кој исто така се вклучи и во еколошката акција организирана во ООУ „Гоце Делчев“ Василево во која учениците и вработените во училиштето го уредуваа и озеленуваа училишниот двор.
Доаѓањето на пролетта го поздравија и дечињата од детската градинка „Прва радост“, Василево, кои на симпатичен начин костимирани во јаготки и буба мари, продефилираа низ улиците на Василево посакувајќи и добредојде на пролетта.





