Вчера, градоначалникот на општина Василево Славе Андонов учествуваше во еколошката акција на ООУ „Гоце Делчев“, насловена како „Дрвја на другарството“, покажувајќи со својот пример колку е важна природата, околината која не опкружува и грижата и одговорноста за нејзиното зачувување на секој поединец. Во акцијата беа засадени повеќе видови цвеќиња и дрвја во училишниот двор.
Со фотографии објавени на ФБ профилот, https://www.facebook.com/vasilevo24, Андонов сподели моменти од активноста и порака за важноста на учеството како позитивен пример за подигање на свеста кај децата дека грижата на секој поединец за животната средина е подеднакво важна за нејзината заштита и унапредување.
„Денес во ООУ „Гоце Делчев“ Василево, беше спроведена еколошка акција и воннаставна активност – засадување дрвја и млади садници заедно со нашите ученици, под мотото „Дрвја на другарството“. Нема поубави моменти од оние кога ги поминувам со најмладите – нашата иднина. Со оваа активност ја подигнуваме свеста кај децата за важноста на заштитата и унапредувањето на животната средина. Горди сме на младите еко-активисти кои денес дадоа свој придонес за позелена и поубава Општина Василево“, стои во објавата на градоначалникот на опоштина Василево.







