Советот на општина Василево на синоќа одржаната 53-та седница, на предлог на градоначалникот Славе Андонов, донесе Oдлука за субвенционирање на жителите на општина Василево за купување на велосипеди и Правилник во кој се одредени критериумите, условите и постапката за субвенционирање за купување на велосипеди.
Образложение за оваа најнова субвенција даде градоначалникот Андонов: „Новата субвенција која се однесува на купување на велосипеди се однесува на полнолетни лица, жители на општина Василево и е во висина од 50% од цената но најмногу до 6 000 денари. Вкупниот Буџет ќе биде ограничен на 300 000 денари, односно во рамки на таа сума ќе бидат давани субвенциите на граѓаните кои ќе купат нов велосипед по принципот прв дојден – прв услужен до исцрпување на сумата определена со Програмата, рече Андонов, прецизирајќи дека оваа мерка е од особена важност во делот на екологијата, животната средина и спортскиот начин на живот на граѓаните.
Според критериумите, условите и постапката утврдени во Правилникот кој беше донесен на седницата, право на користење на оваа субвенција имаат само физички лица, полнолетни граѓани на општина Василево, кои имаат купено нов велосипед од денот на објавувањето на Јавниот повик. Висината на субвенционирањето ќе изнесува 50% од цената за која е купен велосипедот, но не повеќе од 6 000 денари. Јавниот повик ќе трае до 31.12 2025 година и исцрпување на вкупниот планиран буџет за оваа намена кој изнесува 300 000 денари. Распределбата ќе се врши по принципот прв дојде – прв услужен. Начинот, рокот и поблиските критериуми ќе бидат определени во Јавниот повик што ќе биде јавно објавен на општинската веб страна како и на фан страната и ФБ профилот на општината и градоначалникот.
Потребната документација: Барање, фотокопија од важечки документ за идентификација, копија од трансакциона сметка и оригинална фискална сметка за купениот велосипед ќе се доставуваат во архивата на општина Василево.
Општина Василево ги охрабрува граѓаните да ја искористат оваа мерка и да дадат свој придонес во омасовувањето на користењето на велосипедите како правилен избор за здрав живот и животна средина со помалку загадување.