„Денес сме присутни на изградбата на повеќенаменското игралиште во Дукатино, проект финансиран од Буџетот на општина Василево. Игралиштето е со стандардни димензии, 42 х 26 метри, ќе биде осветлено со рефлектори, што значи на ова игралиште ќе може да се спортува и во вечерните часови“, изјави градоначалникот на општина Василево, г-дин Ванчо Стојанов, при неговата денешна посета на игралиштето чија изградба започна деновиве.
Согласно проектната документација и договорот со изведувачот игралиштето ќе биде опремено со кошеви и стативи, осветлено и оградено, со што ќе има услови за безбедно спортување на повеќе спортови не само преку денот туку и во вечерните часови. Буџетот за реализација на овој проект изнесува околу 3 100 000 денари и истите се обезбедени од сопствените приходи на општина Василево.
Изградбата на ова игралиште, како што информираше градоначалникот Стојанов, значи продолжување на вложувањата во спортската инфраструктура во општината, заради развој и популаризирање на спортот меѓу жителите на сите населени места во општина Василево.
„Со изградбата на ова повеќенаменско игралиште и во ова населено место, како што е веќе случај во повеќето населени места, ќе се створат услови за организирање на турнири, спортски натпревари и други настани преку кои се популаризира спортот на територијата на општина Василево“.
Изведувач на работите е градежната компанија „Жикол“ од Струмица и според договорот игралиштето треба да биде готово за три месеци.





