Општина Василево започна со реконструкција на повеќенаменското игралиште во населеното место Радичево кое беше изградено во 2011 година. Игралиштето е лоцирано во училишниот двор. Примарно се користи од учениците за нивните наставни активности, за одржување на Илинденскиот турнир во мал фудбал, но и за други спортски активности и настани не само од учениците туку и од сите други граѓани на ова населено место.
Градоначалниокот на општина Василево, Славе Андонов, информацијата за стартот на реконструкцијата ја сподели преку својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24.
„Ветувањата имаат тежина, само ако ги реализираме. Започна реконструкцијата на повеќенаменското игралиште во Радичево. Во наредниот период ќе биде асфалтирано. Ќе биде поставено ново лед осветлување. Ќе се постават клупи. Ќе се постават нови стативи и кошеви. Ќе се постави и нова ограда. Многу генерации ученици од Радичево ќе имаат спомени од детството и училишните денови на оваа игралиште . Граѓаните на Радичево многу години беа во исчекување на реконструкцијата на оваа игралиште и конечно почна да се реализира овој проект. Го менуваме ликот на Општина Василево“, напиша градоначалникот Андонов.
Согласно тендерската документација, игралиштето ќе биде на површина од 755 м2 од кои 718 м2 ќе бидат асфалтна подлога, оградено со четириметарска жичана мрежа, обележано и со опремено со нови кошеви. Средствата за оваа реконструкција изнесуваат 1 696 646 денари и истите се обезбедени од општинската каса.





