Од денес започна со работа првата детска градинка во Василево, „Прва радост“. Возбудени, насмеани, помалку уплашени и по некое расплакано детенце, заедно со своите родители, утрово ги исполнија просториите на градинката, каде воспитувачки и негувателките честејќи ги со чоколадциња им посакаа добредојде. Од денес, сите тие заедно, започнаа да испишуваат една нова страница, чија содржина несомнено ќе остави траги кај сите учесници.
Денешниот ден е прв ден во градинка не само за дечињата, туку и за нивните воспитувачки и негувателки, кои заедно со децата ја делат возбудата и радоста заради овој но и сите наредни денови во кои ќе се дружат, воспитуваат и другаруваат.
Успешна работа, многу насмевки, игра, забава, учење, дружење, среќни деца и задоволни родители се желбите кои утринава им ги упати градоначалникот на општина Василево г-дин Ванчо Стојанов, при неговата посета на градинката.
Според информацијата од в.д директорката на градинката, г-ѓа Даниела Трајковска, во моментот се запишани педесетина дечиња кои утрово се згрижени во градинката.
Капацитетот на градинката е 70 дечиња и запишувањето ќе трае се додека истиот не биде пополнет.
Градинката ќе работи од понеделник до петок од 06,00 до 17,00 часот.





