Градоначалникот на општина Василево Славе Андонов и градоначалничката на општина Понтенуре, Р.Италија, Манола Групи, на 14.05.2023 година, на свечена церемонија, во општина Понтенуре, Р.Италија, потпишаа акт за збратимување со што двете општини и официјално се збратимија.
„Посебен ден за општина Василево. Официјално збратимување со општина Понтенуре, Р.Италија. Општина Василево е прва општина во Југоисточниот регион но и пошироко во Република Македонија која изврши збратимување со општина од Р.Италија“, по тој повод напиша на својот ФБ профил, https://www.facebook.com/vasilevo24, градоначалникот Андонов.
„Новите пријателства и воспоставени релации секогаш претставуваат нови можности за соработки и продлабочување на воспоставените комуникации. Токму ова денешно официјално збратимување со Понтенуре се темели на една таква иницијатива, од пред една година, поттикната од нашите Македонци кои живеат во Понтенуре. Ние од општина Василево сме срдечни и гостопримливи луѓе, а одликата на секој граѓанин на Василево е домаќинлукот кој отвора врата и подава рака за нови пријателства“, рече градоначалникот Андонов, во своето поздравно обраќање на свечениот чин на потпишувањето на Актот за збратимување, притоа на жителите на Понтернуре, нудејќи им пријателство и отворени врати во општина Василево.
„Од денес, сите жители на Понтенуре се и наши сограѓани, нивното доаѓање во Василево од денес е – одење дома, слободно имајте го нашето Василево како братска куќа. Да се создадат трајни и нераскинливи соработки и релации во сите области на општественото живеење, од туризам, преку култрура, спорт, традиција“, порачува Андонов.
Намерата на збратимувањето е, во интерес на граѓаните од двете општини да се развие дијалог и да се зацврсти соработката. Да се разменуваат искуства и преку реализирање на заеднички активности и проекти, делувајќи во атмосфера на доверба и дух на солидарност да се придонесе за заеднички развој.
Градоначалникот Андонов изразува надеж за заеднички успешни настапи пред европските развојни фондови, каде со заеднички проекти ќе ги развиваат општините.
На крајот од своето официјално обраќање, градоначалникот порача дека ова партнерство треба да се карактеризира со голема почит и признание од другата страна притоа изразувајќи надеж дека збратимувањето ќе биде вековно.
„Се надевам дека ова збратимување ќе не поврзува со векови и покрај илјадниците километри што не разделуваат сепак ќе трае и ќе се одржува низ времето“порача во своето обраќање градоначалникот Андонов.
Општина Понтенуре е мала општина со многу сличности со општина Василево и со околу 6.500 жители од кои голем дел се граѓани со потекло од општина Василево. Се наоѓа во провинцијата Пјаченца во италијанскиот регион Емилија-Ромања на околу 140 километри северозападно од Болоња.





