Вчера, Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство ја посети општина Василево за и лично да направи увид во состојбата по невремето што ја зафати општината на 07 мај. „По последното невреме кое се случи овде, во комуникација сме со градоначалникот и локалната администрација. Денеска сум овде за да извршам увид и лично да ја процениме состојбата од невремето кое што го зафати овој дел од општината“, истакна министерот во Василево.
„Градоначалникот ме информираше дека веќе се формирани Комисии за процена на штета. Mорам да кажам дека Mинистерството со стручни луѓе од Подрачната единица учествува во овие Комисии со цел проценката да се изработи стручно, изјави Министерот кој дополнително појасни дека Јавниот повик објавен од страна на општина Василево е во тек и истиот трае до 20 мај, но Комисиите ќе излезат на терен за да може благовремено да се направи процена и да им се овозможи на земјоделците површините да ги обноват.
„Деновиве, Комисиите ќе излезат на терен нема да го чекаат крајниот рок до 20 мај кога треба да заврши повикот за пријавување на штети, се со цел да направиме благовремена процена на штетата која што е причинета, затоа што се работи за раноградинарски култури. Треба да излеземе во пресрет на земјоделците, побргу да ја направиме проценката за да се обноват површините кои што се зафатени“, посочи министерот.
По завршувањето на целата проценка, Комисијата ќе изготви елаборат за настаната штета и истиот ќе биде доставен до Владата која ќе одлучи за висината на процентот на обештетување.
Во општина Василево во тек е пријавување на штетата и истото согласно објавениот Јавен повик ќе трае до 20.05.2025 до 16,00 часот.





