Граѓаните на општина Василево, синоќа, на четвртата форумска сесија со гласање одлучија, „Набавка на возило за собирање смет“, да биде проектот кој ќе се реализра со средствата обезбедени во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, финансирана од Швајцарската влада, УНДП и Министерството за локална самоуправа.
Низ четирите форумски сесии граѓаните на демократски и транспарентен начин, преку дискусии, најпрво утврдија дека животната средина е сегментот во кој сметаат дека треба да се искористат средствата, кои изнесуваат 50 000 американски долари. Од првичните четири проекти селектирани беа три од кои на синоќешната седница, со консензус беше одлучено да биде набавен камион за собирање смет, со кој ќе се зголеми капацитетот на ЈПКД „Турија“ за решавање на проблемот со навремено собирање на сметот од населените места во општина Василево.
Граѓанмите беа со став дека овој проект е во функција и на другите два предложени проекти, „Училишни дворови по мерка на сите“, „Сите ја одржуваме животната средина чиста“, кои без соодветна опрема и квалитетна услуга од комуналното претпријатие не би ги постигнале очекуваните резултати.
Овие два проекти, како и низа други препораки, главно поврзани со животната средина, како медиумска кампања, подигање на јавната свест на граѓаните за зачувување на околината, примена на казни за недисциплираните граѓани во овој сегмент и слично беа дел од листата препораки како следни чекори кои граѓаните му ги доставија на Градоначалникот.
На сесијата беше избрана и работна група која ќе ја следи реализацијата односно набавката на возилото за смет и на следната, последна форумска сесија ќе информира за напредокот активностите.
Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов, кој беше присутен на сите форумски сесии, заблагодарувајќи се на граѓаните за нивното активно учество во целокупниот процес, на донаторите и на сите вклучени страни, јавно се обврза дека избраниот проект ќе биде реализиран исто како и препораките од граѓаните, а за тоа граѓаните во еден транспарентен начин, тековно ќе бидат информирани, постојано ќе се слуша нивниот глас и ќе се почитува нивното мислење и сугестии.
Она што следува во наредниот период е набавка на возило за смет по пат на Јавен повик и негово вклучување во системот на организирано собирање отпад на ЈПКД „Турија“; Василево.
Проектот се реалзира во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети – фаза 2“, ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.





